Инфо

Од денеска од 18 часот до утре до 18 часот забранет е влез за приватни возила во Клинички центар

Гинекологија и акушерство ќе биде достапна за пациентите, а до Клиниката за детски болести ќе се пристапува од задниот влез на Клиничкиот центар

понеделник, 06 мај 2019

Од денеска од 18 часот до утре во 18 часот ќе биде забранет влез и паркирање на приватни возила во кругот на Клинички центар, поради посетата на папата, а ќе се пропуштаат само возила на Итната медицинска помош, соопштија денеска од Министерството за здравство. Оттаму потврдија и дека се откажани и сите прегледи преку „Мој термин“, а ќе бидат презакажани веќе од 8 мај.

Од Министерството апелираат до граѓаните кои ќе имаат потреба од медицинска помош во текот на утрешниот ден, да се упатат во „8. Септември“ (поранешна Воена болница) и во Универзитетската клиника „Св. Наум Охридски“ (поранешна Градска болница). Овие две болници ќе работат со полн капацитет и тука граѓаните ќе ги добијат неопходните здравствени услуги.

„Клиничкиот центар ќе биде прилагоден на посебни меѓународни стандарди кои се применуваат во сите земји во светот. Клиниката ’Св. Наум Охридски’ ќе биде постојано достапна за граѓаните кои ќе имаат потреба од здравствена услуга од областа на дигестивната хирургија, ортопедија, урологија, неврохирургија, трауматологија. Ова не значи дека Клиничкиот центар ќе биде затворен, туку дел од улиците во Центар ќе бидат затворени за сообраќај, а на паркингот во комплексот клиники ќе биде забранет влез на приватни возила. Апелирам сите граѓани да се упатуваат кон двете болници, болницата ’8. Септември’ и Универзитетската клиника ’Св. Наум Охридски’“, рече Виктор Димовски, државен секретар во Министерството за здравство.

Тој додаде дека Клиничкиот центар, сепак, нема да биде затворен и оти ќе бидат прифатени сите што ќе побараат здравствена заштита таму. Гинекологија и акушерство ќе биде достапна за пациентите, а до Клиниката за детски болести ќе се пристапува од задниот влез на Клиничкиот центар, од страна на хотелот „Тасино чешмиче“.
 

Содржината е прочитана 175 пати.