Бизнис вести

Потребни се висока технологија и иновации за да се привлечат атрактивни инвеститори

Слободните зони треба да бидат најдобри во класата, да понудат иновации и одржливост. Новите инвеститори доаѓаат со нивна технологија и знаење и треба да му помогнеме на нашето општество да извлече корист од тоа, беше речено на Европскиот самит на економски зони што се одржува во Скопје

петок, 03 мај 2019

На слободните економски зони им е потребен нов модел за функционирање, привлекување мали и средни фирми од висока технологија, понуда на најразновидни услуги за инвеститорите и добра средина за работниците, а не само даночни ослободувања, беше истакнато на Европскиот самит на економски зони што се одржува во Скопје.

Учесниците на Самитот потенцираа дека современата технологија треба да се користи за да се комуницира со инвеститорите за нивно привлекување во слободните економски зони, кои треба да се фокусираат на младите претпримачи на идните мали и средни фирми коишто веќе сочинуваат три четвртини од сите инвеститори во слободните зони. Сепак, како главен предизвик и натаму останува обезбедувањето квалификувана работна сила.

Извршниот директор на Светската организација на слободни зони, Самир Хамруни истакна дека концептот за кој ќе се залагаат е зони на иднината коишто ќе ги подобруваат економиите, ќе отвораат работни места, ќе носат инвеститори и постојано ќе се подобруваат.

„Слободните зони треба да дадат повеќе – да бидат најдобри во класата, да понудат иновации и одржливост. Новите инвеститори доаѓаат со нивна технологија и знаење и треба да му помогнеме на нашето општество да извлече корист од тоа. Сакаме зоните да бидат транспарентни и безбедни за добра, лица, средства и за интелектуална сопственост. Не може да управуваме со економска зона од иднината со технологија од денешницата“, рече Хамруни.

Претседателот на Светската оргаизација на слободни зони, Мохамед Ал Зарони појасни дека во светот функционираат 2.600 слободни зони во 165 држави, а сертификатот на безбедни зони што го доделува оваа организација, гарантира дека во нив се почитуваат меѓународните стандарди.

„Со тие документи се побива имиџот дека зоните се места во кои секој прави што сака и се привлекуваат атрактивни инвеститори“, рече Ал Зарони.

Тој ја пофали Дирекцијата на трговско индустриските развојни зони во земјава ја оквалификува како пример за ефикасност. Потенцираше дека нуди максимално поедноставени административни процедури, што е клучно за инвеститорите.

„Дирекцијата на ТИРЗ во Скопје е пример за ефикасност и со тоа оваа институција ја прави земјата многу поатрактивна како дестинација за инвестирање, што секако, значи огромна предност“, рече Ал Зарони.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев ги истакна поволностите што ги нуди земјава за странските, но и за домашните инвеститори, потенцирајќи дека сега условите се изедначени. Тој се согласува дека предизвик во иднина ќе биде како зоните да се искористат за да се привлечат странски директни инвеститори кои ќе бидат со повисок степен на технолошки равзој, а не само да вработуваат евтина работна сила. Анѓушев потвди дека проблемот со квалификуваната работна сила е ограничувачки фактор за развој на економијата, бидејќи структурата на невработените не одговара на реалните потреби на пазарот и потенцираше дека се потреби мерки за преквалификација и за промена на образованиот систем кој ќе биде адаптиран.

„Во меѓувреме, мора да обезбедиме услови, треба да бараме странски директни инвеститори кои ќе бидат не со масовни вработувања на 5 000 лица, бидејќи такви веќе и нема, туку ќе бидат странски инвеститори со сериозно влијание на економијата и ќе нудат производи со поголемо технолошко ниво, повеќе ќе соработуваат со домашаната индустрија и ќе вработуваат едуцирани кадри“, рече Анѓушев.

Во земјава засега има 15 слободни зони од кои осум се целосно оперативни. Минатата година 19 компании потпишаа договори за изградба на фабрики.
 

Содржината е прочитана 107 пати.