Бизнис вести

Најавеното зголемување на минималната плата ги подели мислењата меѓу стопанствениците и Владата

Додека власта очекува да се најде решение од кое сите ќе бидат задоволни, експертите се на став дека ново зголемување на минималецот ќе предизвика проблеми кај фирмите, а нема да има никаков ефект

петок, 03 мај 2019

Најавеното ново зголемување на минималната плата ја разбранува јавноста и ги подели мислењата и ставовите меѓу бизнис заедницата и експертите од една и Владата од друга страна .

Додека власта најави дека во наредните месеци ќе преговара со синдикатите и работодавачите околу 90 илјади најслабо платени работници од 1 јули да добиваат минимална плата од 13.000 денари, бизнисмените негодуваат и за такво нешто бараат поддршка од државата. Надлежните, пак, очекуваат дека ќе се најде решение од кое сите ќе бидат задоволни, особено што, како што велат, буџетот е во добра форма и може да издржи нови субвенции за уште едно зголемување на минималната плата.

Експертите се на став дека ново зголемување на минималната плата ќе предизвика проблеми кај фирмите, особено кај малите и средни претпријатија. Истовремено, со такво симболично зголемување нема да се подобри животниот стандард на работниците, а нема да има никаков ефект врз другите плати.

Работодавачите сметаат дека нашите работници не се доволно продуктивни за повисоки плати, а зголемувањето на минималната плата може да делува дестимулативно за другите кои имаат повисоки примања. Нивните пресметки покажуваат дека растот на минималната плата не се пресликува врз останатите плати и бараат државата да интервенира за да може да растат и другите примања и да се избегне исплатата во кеш.

Економските експерти се убедени дека за да се зголемат платите треба да се направи сериозна анализа и да се преземат економски чекори кои бизнисот ги нема видено повеќе од 5 години, бидејќи, како што велат, во земјава со години не се прави ништо за да се подобри бизнис климата, па оттаму се поставува и прашање од каде работодавачите ќе најдат пари за овие дополнителните трошоци. Дел од стопанствениците неодамна предупредија дека поради дополнителни трошоци за плати, доколку за нив државата не даде парична помош, можеби ќе мораат да размислуваат за отпуштања, а не е исклучена ни можноста од преселување на бизнисот надвор од земјата.

Минималецот, кој со закон мора да биде исплатен, во моментов е 12.507 денари. Премиерот Заев очекува дека до крајот на мандатот ќе се оствари предизборното ветување минималната плата да достигне 16.000 денари.
 

Содржината е прочитана 119 пати.