Инфо

Владата апелира на 7 мај скопјани да користат бесплатен автобуски превоз

За време на посетата на папата Франциск на Скопје ќе бидат обезбедени сите услови за непречено функционирање, пешаците ќе можат да се движат слободно во центарот на градот, а сообраќајот ќе биде пренасочен по околните улици

четврток, 02 мај 2019

Владата апелира скопјани да користат бесплатен автобуски превоз и навреме да го планираат времето за движење во центарот на Скопје за време на посетата на папата Франциск во вторник на 7 мај. Оттаму потенцираат дека се обезбедени сите услови за непречено одење на работа и за функционирање и на јавниот и на приватниот сектор, што значи дека движењето за пешаците ќе биде непречено, а сообраќајот ќе се пренасочува по околните улици.

Во вторник од 6 до 19 часот во центарот на Скопје ќе има забрани и ограничувања во сообраќајот кој ќе се пренасочува по бул. „Кочо Рацин“, „11. Октомври“, „Свети Кирил и Методиј“, „Св. Климент Охридски“, „Партизански одреди“, „Самоилова“ и бул. „Гоце Делчев“.

Граѓаните кои живеат во централното градско подрачје доколку сакаат да ги користат своите возила на 7 мај треба да ги изнесат претходниот ден надвор од главната зона, бидејќи тоа не ќе моќат да го сторат во вторник.

„За сите граѓани движењето пеш низ Скопје ќе биде непречено, без разлика каде живеат и каде работат. Сите граѓани кои работат во центарот кој ќе биде затворен за сообраќај ќе можат непречено да влегуваат без разлика дали одат на миса или не, што значи дека движењето е непречено. Потребно е да имаат лична карта за идентификација и бидејќи е отежнато севкупното движење да го испланираат времето и да тргнат половина час порано таму каде се упатуваат. Ќе им биде потребно подолго време да пристигнат, но ќе се движат непречено“, рече портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.
 

Содржината е прочитана 138 пати.