Инфо

Подготвен електронскиот систем за поврат на ДДВ преку апликација

Граѓаните ќе треба само да ја сликаат фискалната сметка и да ја прикачат на посебна апликација

четврток, 02 мај 2019

Електронскиот систем за поврат на ДДВ на граѓаните е подготвен и во мај и јуни ќе се тестира, а официјално ќе статува од 1 јули. Граѓаните многу лесно можат да го остварат ова право, тие ќе треба само да ја сликаат фискалната сметка и потоа фотографијата да ја прикачат на посебна апликација. Тоа значи дека нема да треба да ги чуваат фискалните сметки, ниту, пак, да поседуваат некаква електронска картичка.

„Повратот на ДДВ има две важни цели. Првата е да ја отстраниме даночната евазија, која официјално е 30 проценти на ДДВ. Граѓаните го плаќаат секаде, но некој тоа не го уплаќа во државната каса. Целта е граѓаните да бидат инспектори. Тоа значи секој граѓанин да си побара фискална сметка, заради тоа што 15 проценти од ДДВ-то изразено во фискалната сметка ќе им се врати назад. Ако сметката е 1.000 денари, 180 денари е ДДВ и од тие 180 денари, се враќа 15 отсто. Од сите сметки едно семејство ќе враќа меѓу 20 и 30 илјади денари. Интересот ќе биде голем, бидејќи луѓето си враќаат пари. Тие нема да земаат од никој што нема да им даде фискална сметка, тие ќе ја завршат улогата на државата, а државата ќе им врати пари“, рече премиерот Зоран Заев на трибина во Куманово.

Тој појасни дека во моментов даночната евазија, или скриен данок е 300 милиони евра, а намерата е меѓу 70 до 150 милиони евра да се врати кај народот, а останатиот дел во Буџетот, што повторно ќе одат во здравство, образование…
 

Содржината е прочитана 173 пати.