Култура

Во Велес отворена изложба на фотографии „Мајка Тереза-Вечниот ангел на милосрдието“

 Во медиотеката на Градската библиотека „Гоце Делчев“ во Велес синоќа беше отворена изложба на фотографии „Мајка Тереза-Вечниот ангел на милосрдието“ што ја организира НУ „Спомен куќа на Мајка Тереза“ од Скопје во соработка со велешката градска библиотека, а во рамки на манифестацијата „Велес-Град на културата 2015“.

среда, 11 ноември 2015

Во медиотеката на Градската библиотека „Гоце Делчев“ во Велес синоќа беше отворена изложба на фотографии „Мајка Тереза-Вечниот ангел на милосрдието“ што ја организира НУ „Спомен куќа на Мајка Тереза“ од Скопје во соработка со велешката градска библиотека, а во рамки на манифестацијата „Велес-Град на културата 2015“.

Изложбата на фотографии која претставува ретроспектива на хуманата мисија на скопјанката Мајка Тереза, нејзиниот пат од Скопје до Калкута во Индија ја отвори и ја претстави Рената Кутера Здравковска, директор на НУ „Спомен куќа на Мајка Тереза“.

Воедно програмата беше збогатена со прикажување на филмот за Мајка Тереза. На крајот од програмата настапи и познатата македонска естрадна ѕвезда од Драган Мијалковски, а на големо и пријатно изненедување на присутните ја исполни песната „Проштевање“ на стихови на Мајка Тереза односно Гонџа Бојаџиу која ја напишала на 18 годишна возраст на заминување од Скопје на својот пат.

Кутера Здравковска појасни дека изложбата на која се претставени 50 - тина фотографии од Мајка Тереза од детството и младоста во Скопје се до мисионерската мисија во Калкута е дел од еден повеќегодишен проект патувачка изложба, а кој започнал во 2012 година со изложба во Струмица,2013 во Крива Паланка, лани во Битола и оваа година во Велес.

Во меѓувреме изложбата била претставена 2013 во црквата „Сан Антонио“ во Рим и 2014 во МКЦ во Софија-Бугарија. Наредната година се планира да биде претставена во неколку градови во Шведска, а каде има голем број на Македонци.

- Идејата на оваа изложба е на велешани оние кои се уште не ја посетиле Спомен куќата на Мајка Тереза во Скопје, на овој начин да им го доближиме животнит пат на најпознатата скопјанка и единствена Нобеловка по потекло од Македонија, Мајка Тереза, потенцира Кутера Здравковска.

Цветанка Вучковска која е комесар на изложбата за медиумите појасни дека вработените од НУ „Спомен куќа на Мајка Тереза“ постојано се во потрага по нови интересни фотографии од мајка Тереза, а кои ќе ја збогатат изложбата.Инаку изложените фотографии се дел од откупените фотографии од ватиканскиот весник „Санаторе Романо“ од Новинската Агенција „Ис Њуз“ и други.

Инаку, инересен е податокот дека Спомен куќата на Мајка Тереза во Скопје за седум години откако е отворена ја посетиле над половина милион посетители од земјава и од многу држави од светот, а кои се запишале во книгата на впечатоци, информира директорката Рената Кутера Здравковска.

(Преземено од МИА)
 

Содржината е прочитана 532 пати.