Бизнис вести

„Алкалоид“ со раст на извозот, нето добивката и инвестициите

Според Македонската берза вкупните приходи остварени во периодот јануари - март 2019 година изнесуваат 2.138.908 илјади денари и во споредба со остварените во истиот период минатата година бележат пораст од 13 проценти

четврток, 25 април 2019

Алкалоид АД Скопје во првите три месеци од годинава оствари позитивни финансиски резултати искажани во неревидираните единечен и консолидиран Биланс на успех.

Според Македонската берза вкупните приходи остварени во периодот јануари - март 2019 година изнесуваат 2.138.908 илјади денари и во споредба со остварените во истиот период минатата година бележат пораст од 13 проценти.

Во структурата на вкупните приходи најголемо учество од дури 98 отсто имаат приходите остварени со продажба на производи и услуги што е пораст од 14 проценти во споредба со приходите во 2018 година. Раст има и на продажбата на домашниот пазар за 2 отсто, но позначајно е тоа што има раст од 23 проценти на извозот. Најзабележителен раст е остварен во Велика Британија со продажби од 1,3 милиони евра, што е 4,8 пати повеќе од лани.

Според извештајот, остварените единечни вкупни расходи за првите три месеци годинава изнесуваат 1.873.090 илјади денари и во споредба со остварените во истиот период лани бележат пораст од 13 отсто.

Годишното собрание на акционерите во март годинава одобри пресметка и исплата на бруто дивиденда за 2018 година во износ од 458.033 илјади денари, односно 320 денари бруто, 272 денари нето дивиденда за една акција. Со Одлука на Управниот одбор на Алкалоид, исто така во март 2019 година, одобрен е и исплатен регрес за користење годишен одмор на вработените во компанијата во висина од 27.709 денари бруто, односно 24.938 денари нето.

Во првото тромесечје, Алкалоид реализирал 55 нови вработувања, покажува извештајот.

 

Содржината е прочитана 167 пати.