Бизнис вести

Државата бара партнер за изградба на гасоводната мрежа до потрошувачите

Засега се знае само дека мрежата ќе се гради преку јавно приватно партнерсто, каде можат да учествуваат три оператори кои поседуваат лиценца, а е формирана и Комисија од 14 члена, но допрва ќе се утврдува кога ќе биде објавен тендерот, кога ќе почне изградбата на мрежата и како ќе се врши финансирањето

четврток, 25 април 2019

Државата бара партнер со кој заедно ќе ја гради дистрибутивната мрежа за гас до секое домаќинство. Надлежните очекуваат првите приклучоци да бидат кон крајот на следната година во Скопје и во Тетово.

Засега се знае само дека мрежата ќе се гради преку јавно приватно партнерсто, каде можат да учествуваат три оператори кои поседуваат лиценца, а е формирана и Комисија од 14 члена, но допрва ќе се утврдува кога ќе биде објавен тендерот, кога ќе почне изградбата на мрежата и како ќе се врши финансирањето.

„Комисијата има за цел да ја спроведе целокупната постапка за доделување на договорот за воспоставување јавно приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас во Северна Македонија“, вели Миле Бошњаковски, портпарол на Владата.

Од Македонски енергетски ресурси (МЕР) велат дека во меѓувреме се бара и модел со кој ќе им се помогне на домаќинствата да ги прилагодат внатрешните инсталации со оглед на прилично големите издатоци. Имено, според пресметките на МЕР, за една просечна куќа од 120 квадратни метри, трошокот за прилагодување на внатрешните инсталации е околу 1.500 евра. Доколку домаќинството се приклучи на гас, преку него би се обезбедувало греење, топла вода и готвење.

Но, за да може да се обезбеди приклучок за домаќинствата потребно е да се изгради преносната мрежа, која засега е целосно готова само од Клечовце до Неготино. Од Скопје до Тетово изградени се 40 отсто, а од Неготино до Битола половина од мрежата.

 

Содржината е прочитана 102 пати.