Бизнис вести

Заев и Анѓушев на работна средба со МАТТО за подобрување на бизнис климата

На средбата било потенцирано дека низ заедничка соработка и партнерски релации се создаваат можности за сериозно учество на приватниот сектор во развојот на македонската економија

среда, 24 април 2019

Премиерот Зоран Заев придружуван од заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерот за образование, Арбер Адеми вчера на покана на Стопанската комора Македонија - Турција МАТТО остварија работна средба на која со претставниците на бизнис заедницата што ги застапува оваа Комора разменија мислења и предлози за подобрување на бизнис климата и унапредување на економскиот развој на земјата

Во соопштението од Владата се вели дека Заев ги пренел заложбите на Владата за градење партнерски однос помеѓу институциите на системот и бизнисот, што е важно за унапредување на заедничката соработка во насока на отворање на развојните перспективи на државата.

„Владата е тука за да им служи на граѓаните и компаниите. Нашите политички цели се поврзани со целите на бизнисот, а тоа е се поголем број вработувања на наши граѓани, поголем раст на БДП, раст на извозот и потрошувачката. Сите овие параметри, по решевањето на политичките прашања, се со нагорен тренд и очекуваме да продолжи растот, бидејќи севкупниот амбиент во државата се подобрува“, рекол Заев и ја потенцирал големината и важноста на традиционалното пријателство на нашата земја со Република Турција со која во првите два месеци од 2019 трговската размена бележи раст од 10,7 отсто во споредба со истиот период лани.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија - Турција МАТТО, Ајдован Адемоски ја претставил Комората во која членуваат 100-ина компании кои вработуваат 10.000 наши граѓани. Адемоски ги потенцирал заложбите за унапредување на заедничката соработка и партнерските релации кои ќе вродат со сериозно учество на приватниот сектор за зголемување на економскиот развој.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев, пак, рекол дека растот на БДП, од минусно салдо во 2017 изнесува 3,7 проценти во последниот квартал од 2018 година, што е резултат на растот на реалната економија и приватниот сектор, што меѓудругото се должи и на поддршката од Планот за економски раст за раст на конкурентноста и технолошки развој на компаниите.

„Ве повикувам да аплицирате за мерките за поддршка од Планот за економски раст. Законот го проширивме и сега може да аплицираат за поддршка и преработувачките капацитети на земјоделски производи оние што не користат средства од ИПАРД програмите и компаниите од ИТ, бидејќи со измените и софтверот го дефиниравме како производ. Исто така има олеснување и во делот на критериумите кои значеа број на вработени“, рекол Анѓушев.

Министерот за образование, Арбер Адеми побарал поддршка од бизнис секторот за како што рекол најголемиот реформски процес кој ќе започне да се спроведува пред учебната година во септември, реформата во средното стручно образование.

„Образованието треба да произведува кадри според барањата на пазарот на трудот и според потребите на бизнисот. Оттаму реформата во средното стручно образование е многу важна. Повеќе од 200 компании активно учествуваа во креирањето на новите наставни програми, кои сега, освен стручна наобразба, ќе содржат и значителен дел практична настава“, истакнал Адеми.

 

Содржината е прочитана 152 пати.