Инфо

До 30 април граѓаните треба да добијат годишна даночна пријава од УЈП

Граѓаните имаат можност најдоцна до 31 мај да ја потврдат или да ја коригираат претпополнетата Годишна даночна пријава.

вторник, 23 април 2019

На 30 април истекува крајниот рок до кога УЈП треба да ја достави до граѓаните претпополнетата Годишна даночна пријава за утврдување персонален данок на доход за 2018 година. Во тек е активноста за генерирање и доставување на претпополнета Годишна даночна пријава. Даночните обврзници – физички лица кои се регистрирани на системот „е-Персонален данок“ преку своите кориснички профили може да извршат увид во Годишните даночни пријави, информира УЈП.

„Граѓаните имаат можност најдоцна до 31 мај да ја потврдат или да ја коригираат претпополнетата Годишна даночна пријава. До истекот на крајниот законски рок граѓанинот може да го менува статусот на пријавата, односно да ја потврдува или коригира. По истекот на законскиот рок, односно на 1 јуни, годишните даночни пријави ќе добијат статус на конечни даночни пријави, согласно последниот статус на годишната даночна пријава – потврдена или коригирана“, велат од УЈП и додаваат дека на 1 јуни службено ќе бидат потврдени и годишните даночни пријави кои не се ниту потврдени, ниту коригирани од страна на граѓанинот.

Годишната даночна пријава која граѓанинот ја коригигирал, а добила статус на конечна даночна пријава ќе треба да биде одобрена од службено лице на Управата за јавни приходи.

„Доколку службеното лице не ја одобри пријавата, ќе следи донесување на решение за утврдување на персоналниот данок на доход за 2018 година“, прецизираат од УЈП.

Од Управата апелираат граѓаните кои оствариле приходи, а се уште не се регистрирале на системот е-Персонален данок, тоа да го сторат во најкраток можен рок.

Пренесено од МИА
 

Содржината е прочитана 136 пати.