Инфо

Во Календарот за Имунизација се воведуваат две нови вакцини – вакцина против Рота вирусот и Пневмококна вакцина

Вакцинацијата против Рота вирусот се спроведува орално во три дози со ставање капки во устата на детето, на возраст од шест недели до 32 недели, додека Пневмококната вакцина се дава интрамускулно од една до четири дози, во зависност од возраста во моментот кога е почнато со вакцинација

петок, 19 април 2019

Министерството за здравство, годинава воведува две нови вакцини во Календарот за Имунизација – вакцина против Рота вирусот и Пневмококна вакцина.

„Со редовна вакцинација ги заштитуваме нашите деца, најблиски и пошироката заедница од тешки заразни заболувања. Високиот опфат на вакцинација на соодветна возраст создава колективен имунитет“, рече министерот за здравство, Венко Филипче.

Со вакцината против Рота вирусот се заштитени најголем процент од децата кои ја примиле (9 од 10 деца). Вакцинацијата се спроведува со орална ротавирусна вакцина во три дози со ставање капки во устата на детето, на возраст од шест недели до 32 недели.

Првата доза од вакцината треба да се даде пред детето да наполни 15 недели, додека сите три дози на вакцината треба да бидат примени пред да наполни осум месеци. Повеќето бебиња, кои примиле ротавирусна вакцина немаат несакани ефекти од вакцината. Милиони бебиња од 94 земји во светот безбедно ја имаат примено оваа вакцина.

Пневмококната вакцина се дава интрамускулно. Оваа вакцина штити од повеќе серотипови пневмокок кои се поврзуваат со тешки инфекции кај децата. Детето може да прими од една до четири дози, во зависност од возраста во моментот кога е почнато со вакцинација.

Со Пневмококната вакцина се намалува можноста за пренос на вирусот. Третманот на пневмококни инфекции со антибиотици не е толку ефикасен, поради големата отпорност на бактеријата кон антибиотици, што ја прави вакцинацијата уште поважна превентивна мерка.


 

Содржината е прочитана 260 пати.