Култура

„Охридско лето“ прогласен за еден од најдобрите фестивали на ЕФА самитот во Лисабон

Донесена е едногласна одлука Охрид да биде домаќин на Генералното собрание на бордот на директори на ЕФА следната година кога фестивалот „Охридско лето“ слави јубилеј, 60 години успешно постоење

петок, 19 април 2019

Фестивалот „Охридско лето“ е на високото трето место во Европската Асоцијација на фестивали (ЕФА) која вклучува 100 фестивали од 40 земји, оценија 230 делегати од 80 европски фестивали на годинешното 67. Генерално собрание на Асоцијацијата што се одржа во Лисабон. Ваквото признание за нашата најголема музичко сценска манифестација се должи, пред се, на квалитетот на програмата во изминативе 59 години, на врвните светски имиња кои настапиле на фестивалската сцена, како и фактот што „Охридско лето“ е еден од најстарите фестивали меѓу сите членки на Асоцијацијата.

Директорката на Охридско лето, Наташа Поповиќ која заедно со претседателката на Управниот одбор, Нина Момировска беше дел од овој голем собир, вели дека европските делегати едногласно ја дале поддршката „Охридско лето“ да биде меѓу најдобрите на европската културна сцена токму поради големината на богатата историја на фестивалот.

„Ова е само потврда дека сме надалеку познат и признат фестивал, ценет од најголемата културна Асоцијација, еден од најстарите и најпочитуваните фестивали во тоа семејство. Добиваме бројни честитки и пофалби за големината на уметниците кои поминале низ годините, но и за изборот на уметниците кои ќе настапат годинава. Навистина ми претставуваше гордост во својата презентација да ги спомнам големите имиња кои со свои маестрални дела оставиле печат во фестивалската историја како легендарниот руски виолинист Леонид Коган , виолончелистот Андре Навара од Франција, светскиот Хозе Карерас, Енио Мориконе и многу други кои учествувле на нашиот фестивал“, вели Поповиќ.

Претставниците на европските фестивали - членки на Асоцијацијата, исто така биле едногласни и во одлуката Охрид да биде домаќин на Генералното собрание на бордот на директори на ЕФА следната година кога фестивалот „Охридско лето“ слави јубилеј, 60 години успешно постоење. Бордот брои 23 делегати од цела Европа.

„Со првите луѓе на ЕФА веќе ги започнавме првичните преговори за ваквата одлука со која ни е дадена честа да бидеме домаќини на вака значајни преставници на ЕФА во 2020 година. Заедно со претседателката на УО на ’Охридско лето’, Нина Момировска изразивме уверување дека сме подготвени да организираме еден вака голем настан во годината кога ќе го славиме 60. издание на ’Охридско лето’. Токму поддршката која ја имаме од сите институции на државата, како и од стопанството преку одделни фирми и претпријатија кои финансиски го помагаат фестивалот, ни дава за право да изразиме уверување дека целосно и професионално ќе се ангажираме целиот настан да помине во беспрекорна реализација со содржини кои успешно ќе ја надградат културната репутација на сите членки на секаде во светот“, вели Поповиќ.

На Лисабонскиот самит директорката Поповиќ презентирајќи ја големината на „Охридско лето“ го потенцирала и значењето на фестивалот во поглед на развојот на туризмот преку бројните гости кои пристигнуваат во Охрид токму поради квалитетот на фестивалската програма која се нуди од 12 јули до 20 август.

„Од оваа година започнуваме со новините за збогатување на културната понуда. Направивме неколку концерти надвор од фестивалската рамка, чекор со кој веруваме дека ќе придонесиме кон развојот на туризмот преку цела година. ’Охридско лето’ ќе биде дел и од туристичката понуда на агенциите, а промоцијата од оваа година ќе биде збогатена и со воведување туристички водич за уметниците“, појаснува Поповиќ.


 

Содржината е прочитана 190 пати.