Бизнис вести

Над 60 милиони евра државни пари ќе завршат во економијата

Ги охрабрувам сите да аплицират, бидејќи годинава државата има детерминирано 47 проценти повеќе пари во однос на лани, изјави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев во Гевгелија

четврток, 18 април 2019

Малите и средни претпријатија имаат централно внимание во економската програма на Владата, преку две можности, Законот за финансиска поддршка и Фондот за иновации и технолошки развој, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев при посетата на Гевгелија.

Анѓушев информираше дека и во Гевгелија има добар пример на компанија која добила средства преку владиниот План за економски раст и веќе спроведува проект.

„Ги охрабрувам сите да аплицират, бидејќи годинава државата има детерминирано 47 проценти повеќе пари во однос на лани. Оваа година има над 60 милиони евра државни средства за економијата, главно за малите и средни претпријатија. Тука има голема можност, ги охрабрувам сите нив да се запознаат со програмите“, рече Анѓушев.

Можностите за финансиска поддршка, посочи, се промовираат на сите средби со стопанствениците.

„Првпат по транзицијата има можност за директна помош од државата“, потенцираше вицепремиерот.

Пренесено од МИА
 

Содржината е прочитана 108 пати.