Интервјуа

„Златекс“ - успешна семејна приказна вткаена во заштитната облека

Интервју со Маја и Дарко Ацески, сопственици и менаџери на „Златекс“-Скопје, компанија со приближно 200 вработени чии капацитети целосно се ориентирани кон лон-производство. Тие зборуваат за тоа што значи да се менаџира ваков бизнис, за соработката со странските партнери, за своите начини на релаксација. Маја Ацески е една од 10-те најуспешни жени менаџери за 2018

среда, 17 април 2019

МАРИЛИ: Фирмата „Златекс“ се базира на 100 отсто приватен капитал. Тоа е семеен бизнис што годинава одбележува 30 години успешно работење. Какви беа почетоците и што значи да се биде меѓу првите компании за производство на заштитна облека? 
ДАРКО:
Компанијата ги бележи своите почетоци од ноември 1989 година и таа е производ на визијата и на соништата на моите родители. Двајцата, по професија текстилни инженери, одлучиле знаењето и искуството во текстилот да го насочат во создавање на нешто свое, па така ја започнале приказната да изградат сопствен бизнис. Стартот бил со 23 луѓе, со компанија од Германија. Отпрвин се продуцирале артикли од модна програма затоа што во тој период таа програма била најбарана од Македонија и најзастапена за изработка. Но мојот татко, како вешт претприемач и секогаш отворен за новини, одлучил да биде меѓу првите што ќе стартуваат со давање услуги за сосема нова програма, а тоа е заштитната облека. Била потребна голема инвестиција, како и надградба и посветеност за да се започне нешто што е многу комплексно. Но трудот се исплател и сега можам со гордост да кажам дека веќе 18 години сме во оваа програма и нашите услуги можеме да им ги понудиме на многу сериозни компании. Никогаш не е лесно кога си пионер во некоја работа, неопходни се многу посветеност и трпение, но кога ќе се погледне резултатот, задоволството е големо.
Оваа година компанијата ќе одбележи 30 години успешно и континуирано работење. Пред неколку години направивме успешна транзиција на фирмата од нашите родители на мене и на мојата сестра Маријана. Многу сме среќни затоа што компанијата продолжува да ги негува истите вредности што ни ги пренесоа нашите родители.

МАРИЛИ: Колкави се капацитетите на „Златекс“ во однос на тоа дека работи на принцип на лон-производство и дали имате Ваш модел на пазарот, поточно сопствен бренд, односно дали изработувате готов производ?
ДАРКО
: Во моментов компанијата е лоцирана во два објекта, имаме приближно 200 вработени и овие капацитети целосно се ориентирани кон лон-производството. Во моментов сè уште се немаме претставено со наш производ, но веќе подолг период се работи на тој план. Според роковите што ги имам поставено со мојот тим, очекувам кон средината на оваа година да се претставиме на пазарот. Планираме да понудиме модели што ќе бидат синоним за естетика, заштита и квалитет. Но, исто така, тоа се модели што ќе може да бидат достапни за пошироката популација.

МАРИЛИ: Колку „Златекс“ ги следи најновите светски технологии за производство на заштитна облека и колку брзо ги применува во сопствените погони? Какви сертификати поседува компанијата? 
МАЈА:
Тимот на „Златекс“ секогаш ги следи најновите светски трендови и веднаш ги имплементира во своето работење. Ние сме обврзани со лиценци и со сертификати што мора да се почитуваат и да се применуваат. Сепак, облеката што ја работиме не е за на модна писта, тоа е облека што треба да ја гарантира заштитата и безбедноста на луѓето што ја носат. Поседуваме многу светски признати сертификати. Како посебен и најзначаен ќе го издвојам сертификатот ГОРЕ-Текс.

МАРИЛИ: Дарко, Вие сте генерален директор и од самиот почеток се градевте во семејниот бизнис на Вашите родители. Колку скалила на развој треба да се поминат во менаџирањето со компанија што е ориентирана кон извоз за да се постигне висок квалитет и да се биде конкурентен во странство?
ДАРКО:
Се сеќавам на мојот почеток. Кога имав девет години, првпат влегов во погонот на татко ми. И веднаш знаев дека тоа е тоа што би сакал да го работам. Ме мотивираат предизвиците, а во оваа работа тие се присутни секојдневно. Во текот на годините се образував, стекнував искуство, но имав среќа да можам многу работи да научам и од моите родители. На развојот гледам како на процес во кој секојпат цел ми е јас, мојот тим и мојата организација да им понудиме колку што е можно подобра услуга на нашите соработници. Како менаџер секојпат мора да согледуваш многу повеќе и пред другите да го согледаат тоа. На таков начин секогаш ќе се постигнува висок квалитет и ќе се биде препознатлив на пазарот.

МАРИЛИ: Маја, Вие сте технолог, конфекциски инженер и го организирате целокупното производство. Што значи да се надградуваш во својата струка, особено кога се работи исклучително со странски партнери?
МАЈА:
За да се надградуваш, многу е важно најпрво да имаш некаква појдовна база. Јас, како дипломиран конфекциски инженер, многу лесно се вклопив во оваа организација. Многу ми се допадна затоа што овде препознав компанија што нуди можности за раст и развој. Паралелно со организацискиот развој се развивав и како личност. Мојата работа е многу интересна затоа што секојдневно е потребна и структура и креација. Потребна е многу добра структура за да се делегираат задолженија, да се планира и да се организира целокупното производство, како и луѓето. Но, исто така, потребна е голема креативност за да се биде менаџер што ќе може да ги инспирира другите, заедно да ги реализираме организациските цели. Од друга страна, соработката со странските партнери секогаш ми е мерка за ориентација, да видам колку ги следам глобалните светски трендови. Јас постојано се надградувам и инвестирам во нови знаења затоа што само така можам своето искуство, ентузијазам и потенцијал храбро да ги насочам и да ги искористам во остварувањето на поставените цели.

МАРИЛИ: Вие сте и сопружници и родители на три деца, како успевате да ги усогласите професионалните и семејните обврски? Колку позитивната енергија во домот се рефлектира на амбицијата за напредок на компанијата?
МАЈА:
Ако тимот е добар, тој успева на секое поле. Ние дома имаме мала „комплицирана“ организација. Како мајка и сопруга уживам и во двете улоги и мислам дека успевам само затоа што со Дарко сме навистина одличен тим. Имаме неколку правила што се трудиме да ги почитуваме, а едно од нив е дека кога сме дома, многу малку зборуваме за работа. Секако, исклучок правиме само ако е нешто итно.
ДАРКО: Имаме три ќерки Јана (9), Софија (4) и Нена (2) и во приватниот живот ги менуваме улогите, девојките се нашите претпоставени и се трудиме целото време и енергија да им ги посветиме ним. Таа позитивна енергија од давање и примање неограничена детска љубов ни дава сила и храброст за уште поголем напредок, личен и професионален.

МАРИЛИ: И двајцата имате пасии надвор од бизнисот и од домот. Дарко, Вие сте вљубеник во билјардот. Колку често одвојувате време за ова Ваше хоби? Маја, Вие ја сакате и ја практикувате јогата. Колку таа Ве одржува во витална форма и Ви дава енергија за сите други ангажмани?
МАЈА:
Јогата не ми е само хоби, таа ми е стил на живот. Во овој брз и стресен начин на живеење човек мора да најде некој свој ритуал што ќе му помогне да има појасна слика за сè. Сè што се практикува како дневен ритам, секојдневно помага да имаш повеќе енергија, јасност и ментален фокус. Само така ќе успееме да останеме во баланс со себе и со другите. Секое слободно време што си го посветуваме за да се свртиме кон себе ни помага вистински да спознаеме кои сме и да добиеме инспирација за да креираме нови работи. Многу сум среќна што за брзо време ќе можам и на професионален план да се заложам за јогата и на таков начин ќе успеам да им дадам можност и на другите да ја почувствуваат придобивката од неа.
ДАРКО: Билјардот ми служи како полнач за батерии, тоа ми помага да си дадам време за себе и да се релаксирам. Нам фокусот ни е потребен за да создаваме, но дефокусот ни е потребен за да црпеме инспирација и позитивна енергија за сè друго. Двапати во неделата ми е сосема доволно себеси да си го дозволам тоа.


 

Содржината е прочитана 639 пати.