Инфо

Прогласена епидемија на мали сипаници на територија на целата држава

Прогласувањето на епидемијата е со цел да се спроведат дополнителни мерки за да се спречи натамошното ширење, да се намали бројот на нови инфекции и да се спречат тешките форми на ова заболување

вторник, 16 април 2019

Прогласена е епидемија на мали сипаници на територијата на цела држава. Комисијата за заразни болести донесе заклучок да биде прогласена епидемија со оглед дека минатата недела беа регистрирани најголем број заразени, поточно 126 луѓе. Вкупната бројка на заразени во моментов е 961.

Доктор Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје појасни дека прогласувањето на епидемијата е со цел да се спроведат дополнителни мерки за да се спречи натамошното ширење, да се намали бројот на нови инфекции и да се спречат тешките форми на ова заболување.

Се забрануваат посетите на болниците со цел да се намали можноста за внес на нова инфекција во болнички услови, а негувателките во градинките ќе бидат задолжително проверени за нивниот вакцинален статус и тие ќе треба да бидат уредно вакцинирани.

Исто така, како дел од мерките што ќе бидат спроведени е и забраната за посета на градинките и намалување на возраста за вакцинирање од 12 шест месеци, бидејќи, како што појасни д-р Микиќ речиси 100 деца се на возраст под една година и тие се највулнерабилна група за тешки форми на заболувањето.

„Дополнително, бидејќи имаме заболени меѓу повозрасните лица кои по редовниот календар не подлежат на вакцинација, Комисијата донесе одлука да се зголеми возраста за вакцинација, така што секое лице постаро од 14 години ќе може слободно да се вакцинира во центрите за јавно здравје, односно на возраст од 14 до 60 години“, рече д-р Микиќ.

Другиот сет мерки што е предложен е сите здравствени работници на територија на цела држава да мора да се вакцинирани со две дози на МРП вакцина.

„Повеќе од 70 деца со мали сипаници се хоспитализирани, 55 се на Клиниката за инфективни болести, а 15 на Клиниката за детски болести. Од нив повеќе од седум се во потешка состојба, но сите се хоспитализирани бидејќи имале компликации од мали сипаници“, додаде доктор Микиќ.

Од вкупно 961 пријавен случај со морбили, во последната недела повеќе од 60 отсто биле надвор од Скопје. Шест центри за јавно здравје веќе имаат прогласено епидемија на мали сипаници со вкупно население кое е повеќе од половина, односно 55 отсто од територијата на државата. Вкупно 20 градови имаат регистрирано случаи на мали сипаници.
 

Содржината е прочитана 238 пати.