Инфо

Жената во Македонија има 18 отсто пониска плата од маж на иста работна позиција

За јазот на платите придонесуваат неколку фактори, а најмногу предрасудите и сфаќањето на улогата на жената во општеството како мајка и онаа која се грижи за останатите членови на семејството. Но, причините треба да се бараат и во самиот образовен процес

петок, 12 април 2019

Жените во нашата држава земаат во просек за 18 проценти пониска плата од мажите на иста работна позиција. За факторите, како и за мерките кои се преземаат за надминување на ваквиот јаз, се зборуваше на дебатата на тема „18 отсто помалку вредни: јазот во платите на мажите и жените“ што ја организираше Центарот за истражување и креирање на политиките (ЦИКП) по повод Денот на еднаква плата за мажите и жените.

За јазот на платите придонесуваат неколку фактори, а најмногу предрасудите и сфаќањето на улогата на жената во општеството како мајка и онаа која се грижи за останатите членови на семејството. Но, причините треба да се бараат и во самиот старт на образовниот процес.

„Јазот кој постои во заработувачката е најочигледниот, најмерливиот вид дискриминација. Потребно е да постои објективен, родово неутрален механизам со кој ќе можат да се вреднуваат сите работни места и да се надминат родовите разлики кои настануваат во заработувачката“, рече Емил Крстановски од канцеларијата на Меѓународната организација на трудот.

Соред Марија Ристеска, извршна директорка на ЦИКП главен фактор кој влијае на јазот на платите се стереотипите и родово предодредувачките улоги кои одат во насока професиите на жените да се поврзуваат со нивната улога во општеството како мајка која се грижи за децата, за постарите членови од семејството, за целото семејство.

„Тие веројатно од тие причини и прифаќаат одредени професии кои се административни, имаат покусо работно време, кои не им предизвикуваат голем замор за да можат потоа да заминат на второто работно место кое ги чека дома. Имаме случаи кога видот и работните места се креирани за да може да бидат прифатливи за една жена, која знаеме дека ја чекаат уште шест часа неплатена работа во домот, за разлика од мажот кој поминува околу два часа неплатена работа во домот“, рече Ристеска.

Никица Мојсовска-Блажевска, извршна директорка на „Македонија 2025“ смета дека родовиот јаз е само еден показател на неповолната положба на жените на пазарот на трудот.

„Мал дел од жените во земјава се активни на пазарот на труд. Само половина од жените од 15 до 64 години учествуваат на пазарот на трудот, како вработени или невработени, за мажите тој процент изнесува 70. Во ЕУ тој јаз е 11 проценти“, посочи Мојсовска-Блажевска.

Светска банка во систематската дијагностика на државата смета дека родовата нееднаквост може да се намали со вметнување на родово ориентирани одредби во колективните договори преку социо-економскиот совет, спроведување прописи за спречување на дискриминацијата и усвојувањето механизми за следење на родовата еднаквост.

Светска банка утврдила дека стапката на вработеност кај жените е 18 процентни поени (пп) пониска отколку кај мажите на 15-64 годишна возраст. Стапката на учество на жените во работната сила од 51 процент, исто така е за 14 пп пониска од просекот на Европската Унија.
 

Содржината е прочитана 119 пати.