Бизнис вести

Тевдовски: „Очекуваме растот на странските директни инвестиции да се удвои на 5 отсто од БДП“

Министерот за финансии, Драган Тевдовски во своето обраќање на реномираниот „Bush School of Government and Public Service” А&M Универзитетот во Тексас, зборуваше за напредокот на земјата, особено за ефектите што ќе ги донесе зачленувањето во НАТО

четврток, 11 април 2019

Се очекува растот на странските директни инвестиции да се искачи на над 5 проценти од БДП, одржливо ниво, во периодот по пристапување во НАТО. Ова е двојно повеќе од просечната стапка на раст на странски директни инвестиции во Република Северна Македонија во изминатите пет години. За нашата земја ова ќе значи поголема вработеност, подобро платени работни места и повисок стандард за живеење.

Ова го истакна министерот за финансии, Драган Тевдовски во своето обраќање на реномираниот „Bush School of Government and Public Service” А&M Универзитетот во Тексас, зборувајќи за напредокот на земјата и ефектите од истиот.

„Членството во НАТО имаше огромно влијание на другите земји од регионот. Ако го споредувате периодот пред и по пристапувањето кон НАТО, странските директни инвестиции како процент од БДП кај некои од земјите се удвоија, додека кај други дури се триплираа. Не гледам зошто Северна Македонија би била исклучок од ова. Ако изминатите 5 години просечната стапка на раст на странски директни инвестиции како процент од БДП беше релативно ниска и изнесуваше околу 2,5 проценти, очекувањата се дека во следниот период тие ќе се искачат на одржливо ниво од над 5 отсто како процент на БДП“, рече Тевдовски.

Тој истакна дека како министер имал бројни контакти со странски инвеститори, корпоративни и финансиски и дека секогаш предмет на интерес на тие средби било и прашањето за политичка стабилизација, за решение за спорот со името и за прогресот во интеграциите кон ЕУ и НАТО.

„На економски план Северна Македонија е стабилна, западно ориентирана земја. Со политичката стабилизација, договорот со Грција и прогресот во евроатланските интеграции ги елиминира политичките пречки и дава основа за повисоки инвестиции и економски раст во периодот кој доаѓа. Членството во НАТО е гаранција за стабилност и долгорочна одржливост. Затоа верувам дека економските бенефити ќе бидат брзо видливи – повисоките странски, како и домашни инвестиции ќе резултираат со повисок извоз, повисока вработеност и плати и повисок животен стандард за граѓаните“, рече Тевдовски.

Министерот за финансии посочи дека земјата успешно ја задржала макроекономската и финансиската стабилност, како и дека очекува тоа да се задржи и во иднина. Тој рече дека денарот е стабилен, инфлацијата ниска и стабилна, дефицитот на тековната сметка низок, банкарскиот и финансискиот систем стабилен, додека државниот долг е меѓу најниските во регионот и Европа. Исто така, истакна дека економијата на земјата е блиску поврзана со ЕУ, така што 80 проценти од извозот е во земјите во ЕУ, околу 80 отсто од странските инвестиции доаѓаат од Унијата, а исто така и три четвртини од банките се со странски капитал, повторно од ЕУ.

Инаку, „Bush School of Government and Public Service“ е една од најдобро рангираните школи во САД за јавна администрација, меѓународни односи и надворешна политика. На „Bush School of Government“ обраќања и предавања држеле гувернери, конгресмени, сенатори, амбасадори и познати универзитетски професори. Затоа ова е одлична можност за промовирање на нашата земја, како и реформите и напорите кои ги прави во насока на евроатланските интеграции и економски развој.

 

Содржината е прочитана 42 пати.