Бизнис вести

Аеродромите во Скопје и Охрид со речиси половина милион патници во првите три месеци од 2019 година

Од ТАВ Македонија информираат дека во првиот квартал од оваа година Меѓународниот аеродром Скопје опслужи 454.448 што е 5,6 отсто пораст на годишно ниво, додека на аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид беа опслужени 26.397 патници, што е 63,9 проценти годишен пораст

среда, 10 април 2019

Во првите три месеци од 2019 година вкупно 480.845 патници патувале преку двата аеродрома – Меѓународен аеродром Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, што е пораст од 7 проценти споредено со истиот период во 2018 година.

Меѓународниот аеродром Скопје опслужи 454.448 патници во првиот квартал од оваа година, со 5,6 отсто пораст на годишно ниво, додека на аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид беа опслужени 26.397 патници, што е 63,9 проценти годишен пораст.

„Првиот квартал од 2019 година го завршивме со речиси половина милион патници на Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот ’Св. Апостол Павле’ Охрид. Скопскиот аеродром ја забележа очекуваната стапка на пораст од 5,6%, што ќе биде и повисока во вториот и третиот квартал од годината поради отворањето на четирите нови дестинации, Баден-Баден и Бремен отворени во март оваа година, како и Ларнака и Турку, кои што ќе бидат отворени во јули 2019 година. На охридскиот аеродром забележавме неверојатен пораст во бројот на патници од 64 проценти како резултат на трите нови авиолинии отворени во последните 6 месеци – Виена во ноември 2018, Малме и Милано - во март 2019 година. Со дополнителните четири нови дестинации што ќе се отворат ова лето – Меминген, Дортмунд, Штутгарт и Дизелдорф, очекуваме да ја одржиме високата стапка на пораст на бројот на патници на аеродромот во Охрид, притоа постигнувајќи нови рекорди. ТАВ Македонија, заедно со сите владини тела во областа на воздухопловството, ќе продолжи да работи на развој на мрежата на авиолинии на двата аеродрома.Во исто време, задоволството на патниците ќе остане како еден од нашите врвни приоритети, со фокус на подобрување и иновација на услугите за авиокомпаниите и патниците“, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

Според статистичките податоци за патнички сообраќај на ТАВ Македонија, од јануари до март 2019 година, најфреквентните дестинации од Меѓународниот Аеродром Скопје се: Истанбул со 10,9% пазарен удел, Цирих (7,5% пазарен удел), Базел (5,7% пазарен удел), Малме (4,9% пазарен удел), Виена (4,8% пазарен удел), Меминген (3,6% пазарен удел).

Во однос на уделот на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај, Wizz Air има превезено најголем број од патниците со 67,4% пазарен удел, а потоа следуваат Turkish Airlines со 8,4%, Germania Flug со 4,8%, Austrian Airlines со 4,7%, Edelweiss – 2,6%, Pegasus Airlines со 2,5%.

Меѓународниот аеродром Скопје ги поврзува патниците со вкупно 42 редовни дестинации, до кои сообраќаат 13 авиокомпании. На аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид во моментов 11 авиокомпании опслужуваат 5 редовни и 8 сезонски дестинации.

ТАВ Македонија ја заврши 2018 година со вкупно 2,3 милиони патници на двата аеродрома, што претставува 16 проценти годишен пораст и со 19.750 летови, односно 9 проценти годишен пораст.

 

Содржината е прочитана 220 пати.