Бизнис вести

Народна банка очекува забрзан раст на економијата

Просечната годишна стапка на инфлација во првиот квартал на 2019 година изнесува 1,2 отсто, што е под проектираното ниво со октомвриската проекција

среда, 10 април 2019

Народната банка на Република Северна Македонија очекува постепено забрзување на економскиот раст во наредниот период. Ваквите очекувања се темелат на регистрираните поволни поместувања во економијата видливи преку забрзаниот раст на индустријата и трговијата, како и преку значителното забрзување на растот кај градежништвото.

Банката оценува дека податоците од првите два месеца од годинава покажуваат дека продолжува трендот на раст на економијата.

„Стапката на раст на економската активност во изминатата 2018 година од 2,7 отсто којашто е над проектираната, соодветствува со очекувањата за постепено забрзување на економскиот раст во наредниот период“, се наведува во соопштението од Народната банка.

Просечната годишна стапка на инфлација во првиот квартал на 2019 година изнесува 1,2 отсто, што е под проектираното ниво со октомвриската проекција.

„Во вакви услови, ризиците околу проектираната стапка на инфлација за оваа година од околу 2 отсто тековно се оценуваат како надолни“, се вели во соопштението

Трговскиот дефиците во првите два месеци е малку поголем од очекуваниот за првото тримесечје на годинава, додека девизните резерви на крајот на март се малку пониски во однос на крајот на минатата година, при што нивното ниво и натаму е високо и постојано е во сигурната зона.

На девизниот пазар движењата се и натаму поволни, при што Народната банка интервенира со откуп на девизи од банките.

 

Содржината е прочитана 132 пати.