Бизнис вести

Позитивен кредитен рејтинг со ознака Б за земјава и ознака А4 за бизнис клима

Од Стопанската комора велат дека позитивниот кредитен рејтинг кој претставува напредок во однос на претходните години кога ознаката беше Ц, отвора можности за пристап до странските пазари

понеделник, 08 април 2019

Република Северна Македонија во февруари 2019 година имала кредитен рејтинг со ознака Б, со тенденција за стабилност до крајот на година, додека бизнис климата е оценета со ознаката А4, според бонитетната куќа „Кофејс“ од Хрватска.

Ова претставува напредок во однос на претходните години кога државата беше оценета со ознака Ц за ризик на земјата и со иста ознака за бизнис климата.

Валентина Цветковска од Стопанската комора на Македонија, на денешната прес-конференција на тема „Повисок кредитен рејтинг на земјата за подобар бонитет на македонските извозници пред странските партнери“ информираше дека при детермирањето на кредитниот рејтинг на една држава се земаат во предвид неколку важни фактори како што е националниот приход по глава на жител, растот на БДП, стапката на инфлација, фискалната рамнотежа, јавниот долг и економскиот развој.

„При изготвувањето на анализата на кредитниот рејтинг наведени се предностите на нашата држава: интеграцијата во германскиот синџир на производство (40 отсто од вкупниот извоз е во Германија), близината на централно европските фабрики, конкурентноста на платите, поддршката на меѓународните донатори, како и високите дознаки на работниците во странство и денарот што е врзан со еврото“, рече Цветковска.

Таа потенцираше дека зголемениот кредитен рејтинг ќе им помогне на клиентите и бизнис партнерите да ги намалат финансиските и другите ризици кога ги склучуваат деловните договори, поголемата оцена во бонитетните извештаи ќе овозможи поголем кредибилитет во очите на клиентите и бизнис партнерите, помал бизнис ризик, поголема доверба и полесно побрзо и помалкуризично донесување на бизнис одлуките.

Споредено со другите држави во регионот, ист кредитен рејтинг со нас, ознака Б за ризик на земјата имаат Србија и Црна Гора и А4 за состојбата на бизнис климата. Со подобар рејтинг е Словенија каде ризикот на земјата е А3, а состојбата на бизнис климата е оценета со А2. Бугарија е оценета со А3 и А4, Хрватска има рејтинг А4 за ризик на земјата и А3 за бизнис климата и Грција која има ист ризик на земјата со нас со ознака Б, но состојбата на бизнис климата е оценета со А3. Послаб рејтинг имаат Босна и Херцеговина каде ризикот на земјата е оценет со ознака Ц, а бизнис климата со Б и Албанија со ризик на земјата Ц и бизнис климата со Ц.
 

Содржината е прочитана 185 пати.