Инфо

Од денеска УЈП почнува да ги доставува годишните даночни пријави по електронски пат

Претпополнетите годишни даночни пријави за приходи остварени во 2018 година ќе се доставуваат електронски на корисничките профили што претходно ги регистрираа даночните обврзници, додека на е-маил адресата корисникот ќе добие нотификација дека е испратена претпополнетата годишна даночна пријава, која ќе треба да ја потврди или коригира најдоцна до 31 мај годинава

понеделник, 01 април 2019

Управата за јавни приходи (УЈП) од денеска ќе почне да ги доставува претпополнетите годишни даночни пријави на даночните обврзници за приходи остварени во 2018 година.

Претпополнетите годишни даночни пријави ќе се доставуваат електронски на корисничките профили што претходно ги регистрираа даночните обврзници, додека на е-маил адресата корисникот ќе добие нотификација дека е испратена претпополнетата годишна даночна пријава, која ќе треба да ја потврди или коригира.

Ова е прва година во која граѓаните добиваат претпополнета годишна даночна пријава. До минатата година граѓаните ја доставуваа годишната даночна пријава за остварени приходи во претходната година до Управата за јавни приходи, а со реформата што беше спроведена во текот на минатата година, сега ќе ја добиваат електронски.

Годишните даночни пријави УЈП треба да ги достави најдоцна до 30 април, а граѓаните треба да ја коригираат или да ја потврдат најдоцна до 31 мај годинава.

Во електронскиот систем на Управата за јавни приходи се регистрирани близу 700 илјади даночни обврзници. Иако беше предвидено, сепак, беше одложено регистрирањето во системот на пензионерите што остваруваат приход само по основ на пензија.
 
Пренесено од МИА

Содржината е прочитана 235 пати.