Бизнис вести

„Марили“ им додели признанија на 10 најуспешни жени менаџери во 2018

Вчеравечер, во Дом на АРМ агенција „Марили“ по 23 пат ја одржа свечената манифестација „Избор на најусешни жени менаџери“ и ги претстави лауреатките носители на престижното признание од овој традиционален проект кој ја верификува успешноста на жената во бизнисот

петок, 29 март 2019

Агенција „Марили“ вчеравечер свечено им ги додели признанијата на топ 10 најуспешни жени менаџери во 2018 година. На свеченоста во Дом на АРМ во присуство на голем број гости признанијата ги врачи Лидија Трипуноска, генерален менаџер на агенција „Марили“.

За најуспешни жени менаџери во 2018 година се прогласени:

1 Даниела Адемоска – Сопственик и генерален менаџер во Double Tree by Hilton - Скопје
2 Наташа Ангеловска – Генерален менаџер на ТРОДАТ-ТРОМАК - Скопје
3 Маја Ацески – Продукциски и извршен менаџер на „Златекс“ - Скопје
4 Ивана Ѓоргиевска Матевска – Оперативен директор на ХАСЕЛТ - Скопје
5 Марија Секуловска Митревска – Генерален менаџер на „Бага Фоод“ - Битола
6 Д-р Даниела Карадаков – Директор на Бизнис академија Смилевски - БАС - Скопје
7 Јасна Ажиевска Петрушева – Административен извршен директор на Мермерен Комбинат АД Прилеп - Прилеп
8 Викторија Рафајловска – Генерален менаџер на „Викторија Боб ДОО“ – Гостивар
9 Нина Шерифовска – Извршен директор на „Парк Резиденс“ - Скопје
10 Ирена Минева – Полковник - Командант на Воено медицински центар Скопје, АРМ

Оваа година „Марили“ за прв пат додели признание на жена менаџер надвор од приватниот сектор, која е на висока функција во армискиот состав, првата жена полковник во АРМ, Ирена Минева.

Манифестацијата беше поддржана од заменичката на премиерот и министер за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, која испрати поздравно писмо, а на присутните им се обрати Зорица Апостолска, министер без ресор задолжена за странски инвестиции, како и Леонид Наков, професор на Катедрата за менаџмент на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

На свеченоста присуствуваше и амбасадорот на Република Словенија во Република Северна Македонија, Н.Е. Милан Јазбец, кој е голем поддржувач на сите проекти на агенција „Марили“.

Изборот на најуспешни жени менаџери годинава доби и регионална поддршка со присуството на Слаѓана Обрадовиќ Петровиќ од Белград, која е организатор на манифестацијата „Најжена на 21.век во регионот“.

На манифестацијата беа присутни и жените менаџери од Марили Бизнис Клубот кои ги поддржуваат сите проекти на „Марили“, особено хуманитарните.

Свеченоста беше збогатена и доби гламурозна нота со настапите на оперската дива Весна Гиновска Илкова во пијано придружба на Кристина Светиева и на виолинистката Ева Богоевска во пијано придружба на Весна Ангелова Христов.

За прекрасните поетски текстови посветени на жената се погрижи Ели Танасковска, која беше официјален водител на настанот. По завршување на официјалниот дел на манифестацијата бројните гости имаа прилика да се дружат и меѓусебно да комуницираат, но и одблиску да ги запознаат годинашните лауреатки.
 

Содржината е прочитана 2400 пати.