Инфо

Од 2021 година ЕУ го укинува летното и зимско сметање на времето

Членовите на Комитетот за транспорт во ЕП предлагаат стрелките на часовникот последен пат да се поместат во последната недела во март во 2021 година. Земјите членки на ЕУ треба да се координираат и до април 2020 да одлучат дали ќе останат на зимско или на летно сметање на времето

вторник, 05 март 2019

Комитетот за транспорт во Европскиот парламент изгласа во 2021 година да се укине поместувањето на часовникот двапати во годината, објави „Гардијан“. Со 23 гласа „за“ и 11 „против“ Одборот на Европскиот парламент вчера донесе резолуција со која од 2021 година во цела Европска унија ќе се укине летното и зимското сметање на времето.

Членовите на Комитетот предлагаат стрелките на часовникот последен пат да се поместат во последната недела во март во 2021 година. Предлогот сега треба да се испрати до Европскиот парламент и до земјите членки на Унијата кои треба да се координираат и до април 2020 година да одлучат дали ќе останат на зимско или на летно сметање на времето.

Промената на времето, воведена во 1976 година, отсекогаш беше критикувана. Во анкета на ЕК, што беше спроведена од јули до август мината година, а во која учествуваа рекордни 4,6 милиони луѓе, мнозинството се изјасни против поместување на стрелките на часовникот. Според направените анкети, 84 проценти од Европејците се изјаснија да не се менува времето во летно или зимско, односно да има само едно сметање на времето како пред 1976 година. Дури 56 отсто сакаат да остане летното сметање, додека 36 проценти на зимското сметање на времето.

Во септември 2018 година, претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер предложи да се укине полугодишното поместување на стрелките на часовникот за целата Европска унија на 1 април 2019 година. Но, европските министри за транспорт, кои се состанаа на 3 декември 2018 година, ја разгледуваа можноста датум за напуштање на овој систем, да биде одреден дури во 2021 година.

 

Содржината е прочитана 150 пати.