Здравје/ Убавина

„ДАМА-ДА“ ви ја претставува Исидора Бјелица – една од најбараните писателки и духовен гуру на овие простори

Жената позната како скандал мајстор, една од најконтроверзните, но и најпочитувани личности на Балканот ќе биде ексклузина гостинка на тематскиот ден „ДАМА-ДА“ што ќе се одржи на 30 март во Дом на АРМ во организација на агенција „Марили“

среда, 27 февруари 2019

Жената со раскошни шешири, личност без влакна на јазикот, скандал мајстор. Тоа е Исидора Бјелица, добро познато име на овие простори, една од најконтроверзните личности на Балканот, но и една од најбараните писателки не само во границите на Србија, туку и пошироко. Истовремено и најсакана и најпочитувана.

Токму таа ќе биде ексклузивна гостинка на тематскит ден „ДАМА-ДА-Здравјето и убавината во функција на современата жена“, настанот што агенцијата „Марили“ го организира по 5 пат, овој пат на 30 март 2019 во Дом на АРМ. На овој тематски ден Бјелица ќе говори на тема за современата жена, за стереотипите и предизвиците со кои се соочува, особено на овие балкански простори.

Исидора Бјелица спаѓа меѓу најтиражните српски писатели, но таа е и филмски критичар, режисер и автор на бројни театарски претстави.

Во нејзината биографија пишува дека е родена 1967 година во Сараево каде го завршува основното и гимназиското образование. Додека нејзиниот татко, Димитрија Бјелица, кој бил познат шаховски писател и новинар ја воспитувал да биде ултрамодерна личност, дедо и, Душан Ѓуровиќ, со кого била многу блиска ја учел на конзервативните вредности. Тој бил претседател на Здружението на писатели, па поради тоа во нивниот дом постојано навраќале бројни писатели, меѓу кои и Иво Андриќ и Меша Селимовиќ. А, татко и редовно носел познати шахисти, но и филмски ѕвезди, па така, гости им биле и Елизабет Тејлор и Ричард Бартон. Нејзината мајка, пак, била задолжена да ја извлекува од неволјите во кои постојано запаѓала поради своите авангардни ставови кои и контрирале на средината во која живеела.

Во гимназискиот период изведувала разни перформанси кои го привлекувале вниманието на луѓето, па така, се возела на камион за собирање ѓубре облечена во розова облека рецитирајќи поезија од Бајрон, лежела на кревет ставен надвор додека нејзиното момче и свирело на виолина. Исидора била прва девојка во Сараево која облекла мини сукња. Патувала многу често, особено во Париз и во Њујорк и научила пет светски јазици. Читала дела на големи филозофи, проучувала многу религии и се интересирала за работи кои воопшто не биле интересни за нејзините врсници.

Во 1986 година ја објавила својата прва книга „Први разбудени“, за која ја добила наградата на Книжевната младина на Југославија, а истата година организирала и „Бал на црните кошули“, роденденска забава која неа и на нејзиното семејство им го сменила животот. Имено, Исидора тврдела дека тогашната власт ја прислушкува и ја следи бидејќи се залагала за демократија, укинување на воениот рок и за престанок на дискриминацијата на геј популацијата. Таа била осомничена дека има намера да го урне режимот со помош на странски сили, била испитувана 18 часа под закана дека ќе биде убиена. Притоа им биле запленети најголем дел од работите, по што нејзиниото семејство го напуштило Сараево и заминало за Белград. 

Ексцентричната сарајка била добро прифатена во новата средина, а била и редовен гостин на забавите. Се запишала на Факултетот за драмски уметности, отсек драматургија, а магистрирала на теза: „Технотрилер како современ облик на трагедијата“. Некое време работела како асистент на предметот Сценарио. 

Исидора Бјелица има напишано преку 40 книги кои се преведени на англиски, француски, руски, македонски и на шпански јазик. Автор е на повеќе театарски дела и радио драми кои и донеле бројни интернационални награди, но и на многу впечатливи колумни во познати списанија. Со години пишувала патеписи и репортажи, а имала и два исклучително успешни ТВ-проекти: „Клот-Фркет“ и „Исидориниот љубовен водич“. Таа е добитник на бројни награди за литература, публицистика, за култура, како и за хуманитарни ангажмани.

Во 2013 година е објавено делото „Спас“, потресна исповед на една жена која дознава дека боледува од неизлечива болест. Всушност, на Исидора во 2012 година и е дијагнистициран канцер, по што, покрај огромните болки, морала да се бори и со сопствената психа. Оттаму, врз основа на сопственото искуство, таа во „Спас“ на сите им дава совети како да се излечат и како да не се разболат. Болеста ја приморала Исидора да продаде околу 3.000 ретки книги како би можела да го плати скапото лекување во странство, а покрај тоа, морала и да работи, па со оглед на нарушеното здравје, болеста се враќала неколку пати.

 За ова дело таа ќе рече: „’Спас’ е мојата лична мала иницијациска книга, моја голгота, пат на моето телесно страдање и напор кон душевно воскреснување. Со секоја болка, со секоја тага доаѓа и ново откритие на среќа, радост и благодети кои, за жал, сум ги изгубила поради својата немарност и така го добив ова најтешко искушение...“. 
Писателката ја доживува болеста како искушение кое и помага секој ден да биде подобра личност. Позната е како човек кој зборува отворено за својата болест уште од самиот почеток.

 Сепак, прашањето „како си?“ е забрането да и се поставува. Сите нејзини блиски го знаат тоа. „Зошто, било кого, па и себе, би малтретирала со својата здравствена состојба? Се уште сум тука, што е право чудо, и тоа е доволно за среќа“, ќе рече таа во една прилика. 

„Не сум јадела ни колбаси, ни сланина, ниту сум пушела цигари, ниту, пак, сум пиела алкохол. Тагата е таа која е најканцерогена, неа, пак, ја имав во огромни количини...“ Вака гласи еден од најемотивните твитови на Исидора Бјелица 

И покрај проблемите што ја пратат со години, таа продолжува да пишува и да издава книги. Нејзината последна книга „Помош, пријателке“ ја напишала заедно со пријателката и другарка Јована Хисмајер, жената која како лајф-коуч му помогнала на познатиот Хју Грант и на многу други светски ѕвезди како личен психолог.

Исидора Бјелица, личноста која зборува без заобиколувања и која отворено ги изнесува своите ставови околу кои многу се полемизира и натаму успева да биде и ексцентрична и екстравагантна и отворена, директна, елоквентна, искрена, брутална. Сепак, се труди сето тоа да го зачини со хумор, што несомнено придонесува и натаму да биде една од најсаканите, најпочитувани и најбарани живи писателки во Србија и на Балканот.
 
Содржината е прочитана 292 пати.