Инфо

Тематскиот ден „ДАМА-ДА“ во хуманитарна акција за Специјалниот завод во Демир Капија

Под слоганот „ДАМА-ДА-ДОНИРА“ агенција „Марили“ со поддршка на Министерството за труд и социјална политика и лично на министерката Мила Царовска ќе спроведе хуманитарна донација за обезбедување средства потребни за санација на објектот на Заводот

среда, 20 февруари 2019

 

Тематскиот ден „ДАМА-ДА“ продолжува да ја негува хуманоста, овој пат под слоганот „ДАМА-ДА-ДОНИРА“.
„ДАМА-ДА-Здравјето и убавината во функција на современата жена“ тематски ден кој агенција „Марили“ го организира по 5.пат, оваа година ќе се одржи на 30 март во Дом на АРМ.

Овој ден е посветен на современиот животен стил на жената со бројни едукации за здравјето, убавината, личниот развој, модата, родителството, кариерата ... Врвни стручњаци од областа на медицината, фармацијата, дерматологијата, козметологијата, од кариера, личен развој, бизнис психологија, родителство ќе одржат предавања и работилници, а ексклузивна гостинка ќе биде Исидора Бјелица од Р.Србија, писателка и духовен гуру која ќе развие дискусија и дебата со слушателите.

Специјална гостинка на „ДАМА-ДА“ ќе биде министерата за труд и социјална политика, Мила Царовска, која ќе има свое обраќање за општествената грижа кон онаа категорија граѓани на кои таа им е нејпотребна, со посебен акцент на лицата со интелектуална попреченост сместени во Специјалниот завод во Демир Капија.

Тоа ќе биде и нејзина поддршка на хуманитарната донација што ја спроведува тематскиот ден „ДАМА-ДА“ со која агенција „Марили“ ќе обезбеди средства за санација на оваа установа. Сите посетители на тематскиот ден, со купување влезница, која има симболична цена од само 100 денари, ќе донираат за овој проект. Кон оваа донација ќе се приклучат и жените менаџери од МАРИЛИ БИЗНИС КЛУБ, како и други поединци, здруженија, компании, установи и разни организации кои сакаат да дадат свој придонес кон оваа хумана акција.

Специјалниот завод Демир Капија е единствена установа за згрижување лица со тешка и длабока интелектуална попреченост во Македонија. Се грижи за вкупно 202 корисници од целата земја кои се на возраст од 19 до над 65 години. До минатата година во Заводот престојуваа и 11 деца до 18 години, кога за прв пат од постоењето, Специјалниот завод отвори три мали групни домови во Неготино, с. Тимјаник (близу Неготино) и во Скопје, во кои беа сместени овие деца. На тој начин тие добија индивидуална грижа, неспоредливо подобри услови и семејна средина за живеење.

Денеска во Заводот престојуваат 202 корисници. Сите тие се уште живеат во двете згради: едната се користи од основањето на установата, поточно од далечната 1959 година, а втората е изградена во 2001 година, но со прилично несоодветен квалитет. Институцијата со децении беше запоставувана, државата недоволно водеше грижа, па сето тоа придонесе Специјалниот завод во Демир Капија да биде во очајна состојба. Со години корисниците живеат без елементарни услови за живот, а вработените без основни услови за работа.

Минатата година Министерството за труд и социјална политика обезбеди средства за итни и неопходни реконструктивни зафати на дел од санитарните јазли, покривот и електричната инсталација. Оваа интервенција обезбеди елементарна безбедност и услови за користење, но физичките услови во зградите и натаму се далеку од соодветни.

Специјалниот завод соработува со меѓународни организации, како и со бизнис секторот за да ја подобри состојбата на своите корисници. Во последните години се обезбедени две поголеми донации: индустриска машина за перење алишта и ПВЦ прозорци и врати во централната кујна. Преку повеќе помали материјални донации обезбедена е поддршка во ситен инвентар, храна, облека и обувки за корисниците, средства за хигиена, машини за перење, клима и ТВ уреди.

Согласно Националната стратегија за деинституционализација 2018-2027 „Тимјаник“, сите корисници во Заводот до 2022 година ќе бидат сместени во заедница, во мали групни домови и слични служби за живеење со поддршка. Специјалниот завод во Демир Капија ќе продолжи да постои како институција, но ќе дава поинаков тип современи социјални услуги за лицата со попреченост, вклучувајќи грижа во мали групни домови за дел од сегашните корисници.

 


 

Содржината е прочитана 421 пати.