Интервјуа

Пијаното ми го доближува бесконечниот универзум на музиката

Интервју со д-р Кристина Светиева, пијанистка, вонреден професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во кое говори за љубовта кон пијаното, за соработката со првенката на Македонската опера, Весна Гиновска Илкова, за пијанистичкото дуо со Ирина Наумовска Кверфург како пијано ансамбл за четири раце, но и за интересот за пијано присутен кај студените наспроти евидентиот недостаток на организирано делување кое квалитативно би го подобрило концертниот културен живот во Македонија

понеделник, 18 февруари 2019

МАРИЛИ: Вие сте една од најталентираните македонски пијанистики. Од каде е љубовта кон пијаното?
СВЕТИЕВА:
Потекнувам од едно од најпознатите музички семејства во Македонија. Мојот дедо, Методи Светиев предаваше виолина во музичкото училиште во Битола и беше првиот во семејството кој започна професионално да се бави со музика. Тој, исто така ги владееше и другите инструменти, како пијаното, гитарата, хармониката и може да се каже дека наследив дел од неговата непресушна и сестрана љубов кон музиката. Мојот татко, Тодор Светиев е еден од доајените на пијанистичката уметност и педагогија во Македонија и зад себе има повеќе од четири децении уметничка и педагошка дејност. Тој е мојот прв и најзначаен педагог по пијано, кој кај мене ги вгради најважните темели за најубавата уметност - музиката. Ме научи на беспрекорна работна дисциплина, ме научи дека потрагата по убавиот звук трае цел живот, ми го отвори и доближи бесконечниот универзум на музиката која го оплеменува секој оној кој доаѓа во допир со неа, било како изведувач или како слушател. За сето мое уметничко и професионално усовршување, голема улога одигра несебичната поддршка на целото моето семејство на кои сум им вечно благодарна. Особено ми е важна улогата на мојата мајка и брат ми Борис Светиев, кој исто така е пијанист и композитор. Пред неколку години ја имав големата привилегија и чест да го изведам неговиот прв концерт за пијано и оркестар, заедно со Македонската филхармонија, напишан и посветен за мене. Музиката е навистина неоткинлив дел од нашето семејство и откако знам за себе таа е дел од моето секојдневие, секогаш тука за сите нас, правејќи ги убавите моменти уште поубави и благородни.

МАРИЛИ: Имате ли свои омилени композитори и кои се тие? Како ги селектирате композиторите чии дела ги изведувате, односно, што одлучува кој автор ќе свирите, дали е во прашање Ваш афинитет кон одреден правец, или нешто друго?
СВЕТИЕВА:
Секако дека секој уметник негува одредени афинитети спрема одреден правец во уметноста или, пак, кон одреден автор. Кај мене некако се случи љубов на прв поглед со импресионизмот, како правец во сликарството, но, исто така и во музиката, преку ремек-делата на еден од најголемите поети на природата, кој секогаш ја воспева во своите композиции, Клод Дебиси. Свирејќи ги неговите 24 прелудиуми за пијано, открив еден прекрасен нов свет, исполнет со многу боја и вибрации. Секој негов прелудиум е приказна за природата обоена со прекрасните тембри на пијаното, откривајќи нови димензии на бојата на пијаното и неговите можности за интерпретација.

МАРИЛИ: Редовно Ве гледаме на концертите на оперската певица Весна Ѓиновска Илкова како пијано придружба. Како дојде до таа соработка?
СВЕТИЕВА:
Со нашата првенка на македонската опера, Весна Гиновска Илкова ја имам честа и задоволството да соработувам повеќе од 10 години. Соработката се случи многу природно и спонтано, и до ден денес таа се продлабочува и созрева. Најдовме заеднички креативен јазик и музички сензибилитет. 

Природно се надополнуваме музички и уметнички, а на сцената, нашите креативни енергии создаваат секогаш убава и уникатна синергија која публиката успешно ја крева на нозе. Навистина претставува голема чест и задоволство да се соработува и да се креира со уметник од таков светски калибар како што е нашата Весна Гиновска Илкова. Досега сме настапувале на многу сцени низ Македонија, но и надвор од неа, а како настап кој ми е посебно драг би го издвоила рециталот во Њујорк.

МАРИЛИ: Често настапувате заедно и со Вашата колешка Ирина Наумовска Кверфург како пијано ансамбл за четири раце и добивате престижни меѓународни награди. Од кога датира таа соработка и колку е тешко да се изведуваат делата за пијано за четири раце?
СВЕТИЕВА:
Соработката со мојата драга колешка и пријателка Ирина Наумовска Кверфурт датира уште од нашите школски денови, значи повеќе од 20 години. Ние сме едно од првите пијанистички дуа во Македонија кои се наградувани на меѓународни натпревари низ Европа. Нашите слични музички сензибилитети и афинитети придонесоа минатата година да го снимиме нашиот прв носач на звук, нашето прво издадено ЦД, со великаните на француската музика од 20. век, со дела за пијано четирирачно.

МАРИЛИ: Вие сте релативно млада пијанистка, но со долг стаж на сцената. Дали се уште чувствувате голема трема пред секој концерт?
СВЕТИЕВА:
Видете, секој уметник чувствува одговорност пред да излезе на сцената. Одговорноста со текот на годините се зголемува, заедно со свесноста за моментот во кој што се наоѓа уметникот. Убавината е во тоа што, доколку правилно се канализира тоа чувство, отвора многу нови димензии, кои заедно со публиката создаваат неповторливо чувство на вознесена музичка убавина, која е чест за оние привилегираните кои се бават со оваа возвишена професија.

МАРИЛИ: Колку треба да се внесе сопствена креација во изведбата на некое дело за еден настап вистински да и се доближи на публиката?
СВЕТИЕВА: Публиката секогаш реагира кога ќе си ја отворите душата на сцената. Никој не останува имун на вашиот најинтимен дел од срцето преточен во универзалниот јазик на музиката.

МАРИЛИ: Каква е посетеноста на концертите за пијано во Македонија? Направете споредба со Вашето музицирање надвор од државава, дали таму публиката знае повеќе да ја цени оваа уметност?
СВЕТИЕВА:
Не би рекла дека надвор повеќе се цени музичката уметност. Разликата е во тоа што европските метрополи имаат многу подолга традиција на негување на вистинските вредности во општеството и културата.

МАРИЛИ: Како професор по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје, кажете ни, каков е интересот кај младите за овој инструмент и колку името на Симон Трпчевски претставува поттик за студентите да вложуваат максимум за да се приближат на техниката на големите светски пијанисти, меѓу кои, несомнено е и Симон?
СВЕТИЕВА
: Интересот кај младите за изучување на пијаното, за наша среќа е се уште присутен. Во нашата професија ги учиме како со многу труд да доаѓаат до многу духовни добра, за разлика од остатокот од светот кој функционира по принципот, со што помалку труд да се дојде до повеќе материјални добра, Кај нас, во нашата професија, примарно е она духовното, и тоа е она што секогаш не води во вистинска насока. Се радувам што моите студенти преку мојот сопствен пример, се инспирираат да работат многу посветено и со голем ентузијазам и желба за музицирање. Кога ќе успеете еден млад човек да го насочите во вистинска насока, да го поттикнете и да му го осветлите патот со тоа што ќе му дадете професија во раце, за понатаму успешно да чекори сам низ професионалниот живот, верувајте дека тоа за еден професор претставува најголема сатисфакција. Со Симон заедно израснавме на музичката сцена, токму со овие вредности за кои зборувам и секако, е убав пример за сите нас дека со вистинска посветеност, многу труд и работа и со адекватна поддршка може да се дојде до светската музичка сцена и таму да се опстои.

МАРИЛИ: Дали во Македонија се вложува доволно за афирмација на сериозната музика и на културата, воопшто? Сметате ли дека имаме доволно музички едуцирана млада популација и дали, конкретно младите пијанисти имаат добра промоција, со оглед на тоа дека концертите за пијано на домашна сцена се неспоредливо малку во однос на концертите од други музички жанрови? Во оваа смисла, имате ли подршка од Министерството за култура?
СВЕТИЕВА
: Имаме поддршка од Министерството за култура за нашите проекти, во последно време доста се поддржуваат и младите таленти, што е за голем поздрав, но, исто така, се чувствува и недостаток на едно организирано делување во форма на музичка агенција која квалитативно би го подобрила концертниот културен живот во нашето општество.

 

Содржината е прочитана 517 пати.