Бизнис вести

Аријана и Бојан Коскарови на престижната листа „30 под 30“ на магазинот „Форбс“

Сестрата и братот од Македонија се најдоа на престижната листа во категоријата „Социјални претприемачи“ како основачи на моделот за иновативно неформално образование „Creative Hub“

петок, 15 февруари 2019

Аријана и Бојан Коскарови годинава се најдоа на престижната листа „30 под 30“ на магазинот „Форбс“. Сестрата и братот од Македонија се основачи на моделот за иновативно неформално образование „Creative Hub“, модел кој ги донесе овие двајца млади во елитното друштво на „Форбс“ под 30 години во категоријата „Социјални претприемачи“.

„Creative Hub“ е концепт на иновативен тренинг хаб кој работи по 5П пристап, односно предавачи кои се ескперти од област, програми кои одговараат на потребите на пазарот, визитинг предавачи, настани во текот на програмата и платена пракса за секој учесник. Овој тренинг хаб постои од август 2017 година и за неполни 2 години успеа да се издигне како центар за квалитет препознатлив по урбаните настани. Аријана и Бојан во моментов го отвараат и својот втор хаб во Тирана, Албанија.

Магазинот „Форбс“ ја објави листата „30 под 30“ за 2019 година за Европа на 12 февруари, со отворање на Лондонската берза. Годинава листата вклучува претставници од 34 европски земји во 10 категории, а покрај Аријана и Бојан, на листата се најдоа и актерот Даниел Ретклиф (познат по улогата во Хари Потер), фудбалерот на Атлетико Мадрид, Антони Гризман, наследникот на гигантот „Луи Витон“, Антоан Арно и многу други.

Инаку, ова е втора година Македонија да се најде на оваа листа. Лани Нина Ангеловска коосновач на „Групер“ и Жарко Димитриоски коосновач на маркетинг агенцијата „Еден на Еден“ беа рангирани за најдобри млади претприемачи во Европа под 30 години.
 

Содржината е прочитана 259 пати.