Инфо

АХВ: Во Mакедонија нема мандарини со пестициди од Турција

Инспекциските служби на АХВ вршат континуирани контроли и на пратките со цитрусно овошје што се увезуваат во земјата, вклучително и на увозот на мандарини од Република Турција

среда, 13 февруари 2019

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) досега нема добиено известување дека на пазарот на нашата земја се пласирани небезбедни мандарини, вклучително и мандарини што се увезуваат од Република Турција. Инспекциските служби на АХВ вршат континуирани контроли и на пратките со цитрусно овошје што се увезуваат во земјата, вклучително и на увозот на мандарини од Република Турција.

„Во рамките на контролите при увоз и на овој тип овошје по потреба се земаат мостри за лабораториско испитување, вклучително и за евентуално утврдување на присуство на пестицидот поради кој била изречена забраната за увоз на мандарини по потекло од Република Турција во Република Српска. Пратки со посоченото цитрусно овошје од Турција во земјата лабораториски се тестирани во декември 2018 година, а во фаза на лабораториско тестирање се и мострите што инспекторите за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство ги земаа овој месец. Во испитаните мостри во декември 2018 година не се утврдени отстапувања во поглед на безбедносните критериуми за цитрусното овошје“, соопштија од АХВ.

Од Агенцијата појаснуваат дека досегашните извршени испитувања на безбедноста на цитрусното овошје покажуваат резултати во граници на дозволеното поради што не се изречени ниту забрани за увоз.

Минатата година во земјата биле увезени повеќе од 8,6 милиони килограми мандарини, најмногу од Турција и соседна Грција.

 

Содржината е прочитана 161 пати.