Бизнис вести

Македонски вина и храна на саемот „Продекспо 2019“ во Москва

Производи на „Стоби“, „Далвина“, „Тиквеш“, „Бовин“, „Маестро“ и „Гобекс“ се изложени на национален штанд со големина од 65 квадратни метри

среда, 13 февруари 2019

Компаниите „Стоби“, „Далвина“, „Тиквеш“, „Бовин“, „Маестро“ и „Гобекс“ со свои производи изложени на национален штанд се претставуваат на најголемиот саем за широка потрошувачка во Руската Федерација и во Југоисточна Европа „Продекспо 2019“. што трае до 15 февруари во Москва. Настапот на македонските компании на саемот во Москва што трае до 15 февруари е во организација на Македонско-руската стопанска комора и со финансиска поддршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија.

„На националниот штанд на 65 квадратни метри руските увозници и дистрибутери, трговските синџири и најголемите маркети, како и другите деловни луѓе и бројните посетители ќе можат да се сретнат со врвни македонски вина и квалитетна храна од овдешните производители. Македонско-руската стопанска комора по 10. пат, а со државната поддршка по осми пат го организира презентирањето на македонската прехранбена и на индустријата на пијалаци, микс што маркетиншки влијае на зголемување на пласманот на македонските стоки на овој голем пазар“, вели Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора.

Македонските компании ќе го искористат саемот за интензивни контакти со руските партнери, но се очекуваат и бројни деловни средби со претставници на рускатата комора и други деловни асоцијации, како и со официјалните лица на руската администрација.

Во „Експоцентарот“ во Москва на „Продекспо 2019“ на 100.000 квадратни метри своите производи ги изложуваат 2.442 компании од 69 држави од светот со 29 национални штандови, меѓу кои е и македонскиот. Се очекува саемската манифестација да ја посетат преку 62.000 посетители од 100 држави и сите федерални области во Русија.

 

Содржината е прочитана 157 пати.