Бизнис вести

Назначен нов главен извршен директор и претседавач на Македонија2025

Прославувајќи 10 години успешно работење, организацијата влегува во втората деценија од своето постоење со големи амбиции и очекувања од новиот менаџерски тим

среда, 13 февруари 2019

Проф. Никица Мојсоска Блажевски од 12 февруари 2019 година е Прв Главен извршен директор на организацијата Македонија2025, која влегува во втората деценија од своето постоење со големи амбиции и очекувања, што се одразува и во промените во менаџерскиот тим.

Од Македонија2025 потенцираат дека Мојсоска Бажевски има комбинирано искуство во академијата и во јавната администрација како истражувач, консултант и менаџер, чие значајно искуство ќе ги издигне на повисоко ниво програмите на кои работи тимот на Македонија2025.

„Цврсто верувам во мисијата на организацијата и решена сум да извршам значајно влијание преку програмите и иницијативите и да ја направам Македонија просперитетна и напредна држава за нејзините граѓани. Исто така, сакам да го изразам своето задоволство од ангажираноста и мотивираноста на членовите на Одбор на директори на организацијата кои го поддржуваат мојот план за силен раст за организацијата во следната деценија“, изјави Мојсоска Блажевски.

По осум години посветено и одговорно работење кон остварување на мисијата за градење посилна нација, сегашниот извршен директор Билјана Марковиќ Стаменова зад себе остава голем број успешно имлементирани програми и настани, како и цврста основа за иден развој на организацијата.

За претседавач на Одборот на директори е назначена Вера Ставроф која ќе го замени Роберт Арсов, кој на оваа позиција беше четири години и во иднина ќе остане член на Одборот на директори. Ставроф е претседател и главен извршен директор на HerbalScience, Inc., од Колумбус Охајо САД, како и член на Одборот на директори од 2012.

Македонија2025 прославува 10 години работење во Македонија како невладина организација фокусирана кон помошта во градењето посилна нација. Првата деценија ја одбележа огромен успех. Од 2008 година организацијата има инвестирано 1 милион долари во програмите за лидерски развој, со кои има извршено позитивно влијание врз повеќе од 500 претприемачи и менаџери. Исто така, имплементирани се и бројни програми за економски развој во вкупна вредност од 3 милиони долари, меѓу кои програми за зголемен извоз, трговски мисии, деловни конференции итн. Клучниот настан – Самитот Македонија2025 низ годините брои над 2.500 посетители и повеќе од 400 говорници ширум светот, со што стана најголема платформа за вмрежување и соработка, со цел зголемен иден развој на бизнисите во Македонија и регионот.
 

Содржината е прочитана 206 пати.