Бизнис вести

Власта мора поенергично да се бори со сивата економија, сметаат компаниите

Најновото истражување на четирите комори за оценка на бизнис климата во Македонија спроведено минатата година преку проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива покажва дека покрај намалување на корупцијата, фирмите бараат и воспоставување еднакви правила на игра, ефикасен судски систем, транспарентен и предвидлив даночен систем и ефикасна даночна администрација

среда, 13 февруари 2019

Намалување на сивата економија и корупцијата, воспоставување еднакви правила на игра, ефикасен судски систем и спроведување на договорите, стабилизирање на макроекономското опкружување, транспарентен и предвидлив даночен систем и ефикасна даночна администрација… Ова се дел од заклучоците на најновото истражување на четирите комори за оценка на бизнис климата во Македонија спроведено минатата година преку проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива.

Дури половина од компаниите во земјава сметаат дека борбата на власта со сивата економија е недоволна, а 32 проценти рекле дека таа е сосема незадоволителна. Љубомир Димовски од проектот на УСАИД вели дека борбата со сивата економија секогаш се кажува на прво место речиси на сите дебати и дека таа најмногу му пречи на оној формален дел од бизнис секторот, на претпријатијата кои се регистрирани и кои ги плаќаат давачките кон државата.

Извршниот директор на Стопанска комора на Северо-западна Македонија, Дритон Исеини појасни дека една од главните цели што ја поттикна соработката меѓу коморите во Македонија е да им се овозможи на микро, малите и средни компании да ја подобрат нивната усогласеност со законите.

„Во проектот се обидуваме да предложиме бизнис регулатива која е на линија со барањата на бизнис заедницата, а истовремено е јасна и спроведлива. Честата промена на регулативата најмногу ги погодува микро и малите препријатија кои немаат внатрешни капацитети да ја усогласат нивната работа со брзото менување на законите. Ова предизвикува попреченост во работење на компаниите и на тој начин не само што создава трошоци, туку потешкотии во нивното работење“, рече Исеини и додаде дека оваа година Владата ја назначи како година на економијата и паралелно со процесот за зачленување во НАТО и пристапните преговори со ЕУ, овој факт ќе ги мотивира претприемачите да ги забрзаат нивните инвестициски планови.

Според Гречен Биркл, вршител на должност претставник на Канцеларијата на УСАИД во Македонија за да има подобри резултати треба да продолжи соработката меѓу приватниот и јавниот сектор. Тој рече дека препораките од бизнис коморите придонеле за намалување на казните, подобрување на бизнис климата, за отворање нови работни места.

Со истражувањето се опфатени 518 компании од четирите комори во Македонија од областите текстил, земјоделство, ИКТ, туризам, градежништво…. Од нив 85 отсто се домашни, осум проценти во мешовита сопственост, а седум отсто со странски капитал. Според големината 33 проценти се микро компании, 42 отсто мали, 20 проценти средни, а шест проценти големи компании.
 

Содржината е прочитана 199 пати.