Интервјуа

Нè чека уште една прометна година на аеродромите во Скопје и Охрид

Интервју со Неџат Курт, Координатор на аеродромите во ТАВ Македонија во кое говори за неверојатните двоцифрени стапки на пораст на патничкиот сообраќај на двата македонски аеродрома, за очекувањата 2019 да биде фреквентна година, за развојот на мрежата на авиолинии, новите услуги, за грижата за клиентите. Се потсетува на своите почетоци во ТАВ Аеродроми, на открива и зошто работењето н скопскиот аеродром претставува уникатно искуство

петок, 08 февруари 2019

МАРИЛИ: ТАВ Македонија имаше уште една успешна година. Кои беа главните достигнувања на Меѓународниот Аеродром Скопје и на Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид во 2018 година?

КУРТ: Ја завршивме 2018 година со неверојатни двоцифрени стапки на пораст на патничкиот сообраќај на двата аеродрома – Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид.
На скопскиот аеродром 2018 година ја заокруживме со 2,2 (2.158.258) милиона патници и 16% годишен пораст споредено со 2017 година. Во исто време бројот на летови се зголеми на 18.188, што е за 9% повеќе во однос на минатата година.
На Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид исто така забележавме фантастичен прогрес во 2018 година, со вкупно 184.283 патници, што претставува исто така пораст од 16%.Вкупниот број на летови од охридскиот аеродром за 2018 година е 1.562, односно имаме 8% годишен пораст. 

Овие резултати во порастот на авиосообраќајот се ефект од постојаниот развој на мрежата на авиолинии на двата македонски аеродрома.
Во 2018 година, на Меѓународниот Аеродром Скопје отворивме 2 нови дестинации:Варшава на LOT Polish Airlines и Атина на Aegean Airlines.
На 5-ти декември забележавме важна пресвртница со достигнување на 2-милиона патници во една година на Меѓународниот Аеродром Скопје.Само пред 4 години, на крајот на октомври 2014 година, славевме за 1-милион патници на скопскиот аеродром.
Ова покажува колку неверојатно брз пораст успеавме да постигнеме на скопскиот аеродром, удвојувајќи го бројот на патници во само 4 години.
На охридскиот аеродром, отворивме 5 нови авиолинии и донесовме 3 нови авиокомпании, како и 2 нови тур-оператора:Истанбул на Onur Air и Tatilbudur, Талин на Nordica, Варшава на Enter Air и Rainbow, Ајндховен на TUI Fly и Виена на Wizz Air. Во целина, со сите активности за промоција на охридскиот аеродром и на Охрид како туристичка дестинација, отворивме 2 нови дојдовни пазари за туристи на Охридското Езеро во 2018 година: Турција и Естонија.

МАРИЛИ: На што најмногу ќе се фокусира ТАВ Македонија во 2019 година? Кои ќе бидат главните цели во однос на проширување на пазарот – отворање нови дестинации, влез на нови авиокомпании? Што покажува истражувањето на пазарот, што треба да се направи со цел да се исполнат потребите на патниците за патување?
КУРТ:
На почетокот на јануари македонската јавност беше известена дека Wizz Air го доби владиниот тендер за субвенции за нискобуџетни авиокомпании и дека ќе отвори 4 нови авиолинии од Меѓународниот Аеродром Скопје – 2дестинации до Германија, Баден-Баден и Бремен (од март 2019г.), 1 дестинација до Финска, Турку, и 1 дестинација до Кипар – Ларнака (од јули 2019г.). Во исто време нискобуџетниот превозник ќе го постави 5-от воздухоплов во базата на скопскиот аеродром, а ќе ги зголеми и фреквенциите на постојните авиолинии до:Гетеборг, Хамбург, Келн, Малта и Базел.
Од Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, 4 нови авиолинии и дестинации ќе бидат воведени оваа година: Малме и Милано од март 2019г.; Меминген и Дортмунд од јули 2019г.
Настрана од оваа потврдена информација за развојот на мрежата на авиолинии на двата аеродрома, ние како ТАВ, преку Одделот за маркетинг на ТАВ Аеродроми, постојано работиме на промоција на Македонија и на македонските аеродроми кај авиокомпаниите и тур-операторите, со цел тие да започнат со летови од Скопје и од Охрид. Со нашата стратегија на вкрстен маркетинг, учествуваме на најголемите саеми за туризам и воздухопловство, имаме средби и дискусии со авиокомпании и ги промовираме потенцијалите на македонскиот воздухопловен пазар на различни пазари кои можат да генерираат дојдовни туристи во земјава.
Со сето ова на ум, со сигурност можеме да кажеме дека 2019 ќе биде уште една прометна година за Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, во однос на зголемен патнички сообраќај.
Покрај нашата цел да го зголемиме бројот на дестинации и да привлечеме нови авиокомпании на пазарот, ние исто така постојано работиме на подобрување на аеродромските услуги.
Од една страна се авијациските услуги (прифат и отпрема, обезбедување, оперативна безбедност) што се нудат преку ТАВ Македонија на авиокомпаниите како наши директни клиенти, а од друга страна - сите не-авијациски услуги (ресторани, безцаринска продавница, комерцијален простор за малопродажба, VIP и бизнис-салони, ИТ услуги) што се нудат преку нашите сестрински компании – BTA, ATU Duty Free, TAV MOS и TAV Technologies, компании што директно ги опслужуваат потребите на патниците додека тие се на аеродромот.
Вистинско знаење и вештини, бизнис-мудрост и солидно искуство, се неопходни за правилно комбинирање на сите овие аеродромски услуги со цел да се постигне успех.Групацијата ТАВ Аеродроми го има сето погоре споменато, а ТАВ Македонија е успешен пример за целокупно позитивно постигнување во сите сегменти на дејноста аеродромско работење. 
Еден од главните двигатели на нашиот успех во однос на нашата услуга е нашиот фокус на клиентите. Како услужна индустрија, мораме да се фокусираме на клиентите и да ги скроиме услугите согласно нивните побарувања.
Со цел да ги разбереме потребите на патниците и да го подобриме квалитетот на нашите услуги, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид се дел од глобалната програма ASQ (Airport Service Quality – Квалитет на аеродромски услуги) на реномираната глобална воздухопловна организација ACI (Airports Council International – Меѓународен совет на аеродроми). Анкетите за квалитет на аеродромски услуги се спроведуваат на двата аеродрома. Анкетните листови пополнети од страна на патниците се испраќаат до ACI, каде резултатите се сумираат и согласно тие резултати се вршат глобалните рангирања на аеродромите во однос на квалитетот на аеродромските услуги, а сето тоа врз основа на мислењето на патниците за нивото на квалитет на аеродромски услуги.
Скопскиот аеродром веќе три пати досега има добиено ASQ награда како најдобар регионален аеродром во Европа во категоријата на аеродроми под 2 милиона патници, и тоа во:2013, 2014 и 2016.
Со порастот на бројот на патници и со надминувањето на бројката од 2 милиона патници, оваа година ќе се натпреваруваме во категоријата на аеродроми до 5 милиони патници годишно.
Од оваа гледна точка, една од нашите главни цели е да понудиме подобрени и висококвалитетни услуги што ќе ги задоволат дури и најтешките клиенти.

МАРИЛИ: Што покажува ова анкетирање на патниците?Што бараат патниците? Кои видови нови услуги планирате да ги воведете, со цел збогатување на патничкото искуство преку скопскиот аеродром?
КУРТ
: Низ годините имаше многу сугестии од страна на патниците, а досега сме ги слушале патниците и ги воведуваме услугите што ги задоволуваат нивните потреби. Еден таков пример е воведувањето на автобуски превоз како услуга од аеродромот до центарот на градот Скопје, воведувањето на бесплатен безжичен интернет, и друго.Секогаш има потреба од разновидни услуги и проширување на асортиманот на моменталните услуги, а вистинскиот момент за дејствува само зависи од зрелоста на пазарот.
Во 2018 година воведовме неколку новини на Меѓународниот Аеродром Скопје, како на пример машина за пакување багаж; нов објект за храна и пијалаци во терминалната зграда од страна на нашата сестринска компанија БТА -NeedStop; го реорганизиравме просторот во терминалната зграда наспроти шалтерите за регистрација на патници и багаж, со преместување на малопродажните продавници; потоа поставивме нова машина за само-регистрација со цел патниците да можат да го регистрираат нивниот багаж и да избегнат чекање пред шалтерите за регистрација на патници и багаж.Многу скоро, во текот на јануари 2019 година, со измените на софтверскиот систем што од неодамна ги имплементиравме, услугата за оставање багаж на првите 2 шалтера за регистрација на патници и багаж ќе биде повторно во функција. Кога оваа услуга е оперативна, патниците ќе можат да се регистрираат преку интернет, онлајн, или пак преку машината за само-регистрација, да го остават нивниот багаж на шалтерот број 1 и/или шалтерот број 2, а потоа да се упатат кон првата безбедносна проверка, а потоа и кон Пасошка контрола.
Исто така, минатата година, во зоната близу излезите (gates), додадовме нова забавна содржина за нашите најмлади патници – Детско катче. Едно од најчестите барања на нашите патници е да се отвори просторија за пушење, во зоната по пасошката контрола, пред качување во воздухоплов.Бидејќи законски сме ограничени во однос на ова прашање, ги разгледуваме можностите како можеме да ја исполниме оваа желба, со моменталната архитектонска позиционираност на терминалната зграда, а во исто време, и да се придржуваме кон законските одредби и строгите воздухопловни правила и регулативи.

 

МАРИЛИ: Што е со прекуокеанските летови од Скопје до Соединетите Држави и/или Канада? Кои се измените за овие планови да се реализираат?
КУРТ:
Прекуокеанските летови се една од нашите најголеми желби.Сепак, тоа повеќе зависи од авиокомпаниите и побарувачката од двете страни.Пред сè, зависи од одлуката на авиокомпаниите – ако некој превозник одлучи да направи таква инвестиција, бидејќи тоа би било операција со поголем трошок, односно операција од поголем размер за која е потребно поголема пазарна побарувачка, не само од Македонија, туку и од целиот балкански регион.
Меѓународниот Аеродром Скопје е подготвен да обезбеди најголема поддршка на која било авиокомпанија што разгледува опција за прекуокеански летови. Тоа би можело да го задоволи целиот Балкан за конекции до Соединетите Држави и Канада, како едни од најголемите центри на дијаспората.

МАРИЛИ: Како Менаџер во ТАВ Аеродроми, имате работено на различни аеродроми во рамки на групацијата. Која е предноста на мултикултурното менаџерско искуство и како позитивните примери што се докажани како успешни – во однос на управување со човечки ресурси и во однос на аеродромски проекти, можат да се имплементираат овде во Македонија? Каде е позицијата на македонските аеродроми во оваа мешавина од пазари на воздухопловната индустрија?
КУРТ:
Да почнеме со македонските аеродроми, најпрво со приказната на скопскиот аеродром. Како што секогаш им велам на моите колеги во рамки на групацијата, да се работи на скопскиот аеродром е уникатно искуство, бидејќи го учи вработениот на нешто што тој/таа не може да го научи на кој било друг аеродром. За разлика од аеродромите во Турција, во Македонија аеродромскиот оператор е одговорен за сите суштински бизнис операции, почнувајќи од: Услугите за прифат и отпрема (прифаќање и испраќање патници, воздухопловни операции, прифаќање и испраќање воздухоплови), обезбедување, оперативна безбедност, техничко одржување. На Меѓународниот Аеродром Скопје имаме среќа да управуваме со сите претходно споменати услуги што ги продаваме на авиокомпаниите, како наши директни клиенти. Тоа е огромен спектар на асортиман аеродромски услуги, а ние како ТАВ Македонија ја имаме можноста да управуваме со сè самите, како концесионер на двата аеродрома.
Оваа перспектива на управување ни дава привилегија да се стекнеме со искуство во различни сегменти од дејноста на аеродромско работење на македонскиот пазар, да соработуваме со надлежни органи и владини тела во секој сегмент од воздухопловната индустрија, како и да работиме на подобрување на сите делови од овој синџир на комуникација, бидејќи на крајот, сето тоа влијае врз резултатите на нашето целокупно работење.
Настрана од овие таканаречени авијациски услуги, како што веќе споменав, преку нашите сестрински компании BTA, ATU, TAV MOS, нудиме и не-авијациски услуги, како храна и пијалаци (ресторани и кафулиња), безцаринска продавница, бизнис-салон и VIP услуги, како и сите малопродажни и комерцијални услуги преку продавниците во терминалната зграда.Исто така, на скопскиот аеродром го одвоивме Карго терминалот, а го управуваме и паркингот пред главната терминална зграда.
Затоа, работењето на аеродромски операции во Македонија е уникатно и единствено искуство, придонесува кон моето целокупно менаџерско искуство и на моите проектни задачи на други аеродроми, на пример на аеродромите во Загреб и Медина, каде што заминав по работењето на аеродромите во Скопје и Охрид.
Што се однесува на Групацијата ТАВ Аеродроми, единствено искуство е да можете да ја почувствувате мотивацијата што доаѓа кога ви се дадени шанси да ги искусите различните системи и различните култури, да учите и да се приспособите на повеќе средини за работа, а сепак да уживате во мултинационалната бизнис култура на нашето ТАВ семејство.

МАРИЛИ: Кажете ни повеќе за вашето бизнис искуство во ТАВ Аеродроми. Кои од пазарите каде што сте работеле е вашиот омилен и како вашиот личен живот се приспособуваше на вашите одлуки за промена на различните работни позиции во рамки на групацијата?
КУРТ:
Моето патување, како и мојата едукација за аеродромите почна во ТАВ пред 19 години, на 11 февруари 2000 година. Имав 20 години кога почнав да работам на Аеродромот Ататурк во Истанбул, кој што беше новоизграден и управуван од страна на ТАВ. Мојата прва работна позиција беше „Прашај ме“, буквално значеше тоа; одење низ аеродромот и помагање на патниците кои не можеа да се снајдат или пак им требаше помош, слушање на сугестиите од патниците, набљудување и идентификување на грешки и известување на потребните оддели.
Мојата втора позиција беше во Кулата за прифат и отпрема, каде што ги планираме паркинг позициите на воздухопловите (патнички мост) и координираме со потребните оддели, како што се операторите на мост, државните органи кои се одговорни за доделување отворени паркинг позиции за воздухопловот.
Позицијата Дежурен службеник во терминал како моја следна работна позиција значење одговорност за обезбедување непречен проток на патници, хигиена во терминалната зграда, како и адресирање прашања/проблеми поврзани со операции во однос на техника и терминал до Центарот за терминални операции.
Кон крајот на 2005 година моето прво искуство во странство почна во Грузија – Тбилиси, каде бев назначен на работната позиција Заменик менаџер на терминални операции.Работејќи во различни средини, различни култури, не беше ново за мене, бидејќи јас сум роден и пораснат во Германија.Мојата адаптација и хармонизација не беше поразлична од одењето во Турција за прв пат.
Некаде во средината на 2007 година, ја продолжив мојата кариера како Менаџер на аеродромски операции во Батуми, прекрасен крајбрежен град во Грузија.Каде што изградивме гринфилд аеродром.
Дојдов во Македонија кон крајот на 2008 година и почнав со работа во Охрид како Менаџер на аеродром надгледувајќи ги дополнителните градежни работи и работите за подобрување и унапредување што ги изведувавме, а се преселив во Скопје во 2010 година за да продолжам како Менаџер на аеродромот. Искуството во Охрид е секогаш драго за мене, со сите мои колеги и пријатели, а особено живеењето во Охрид. Мал аеродром, мал но добар, не е претерано да се каже дека ќе се чувствувате како дома.

Во 2013 година, почнав со работа во Саудиска Арабија, каде ни беше доделено изградба и управување со Аеродромот во Медина, првиот проект за приватизација на аеродром во Кралството Саудиска Арабија. Во 2014 година бев назначен за Координатор за транзиција, притоа обезбедувајќи гладок и непречен трансфер на работењето од стариот во новиот аеродром. Бев одговорен за подготовка на планот за транзиција и подготовка на пробно сценарио заедно со тимот за Оперативна подготвеност за трансфер на аеродром (ORAT Team). Искуството во Саудиска Арабија, како и тешкотиите да се биде далеку од семејството беше еден од најтешките предизвици со кои сум се соочил. Но, тоа е тоа искуство што ве обликува и што ви додава искуство на искуството.
Моето патување во Загреб почна веднаш по успешното отворање на аеродромот во Медина.Тука без назначен како Координатор за Оперативна подготвеност за трансфер на аеродром (ORAT) за операциите во терминал и во јавната зона, работејќи заедно со француските колеги од Aeroports de Paris и хрватските колеги од аеродромот. Ова беше прекрасно искуство што даде многу вредни документации и искуство. Работењето во Загреб, особено што таму со мене беше и моето семејство, беше одлично чувство што ми недостигаше по моето патување на Блискиот Исток.
Како и да е, моето патување до Блискиот Исток не застана тука; по завршувањето на ORAT во Хрватска, ТАВ доби уште три дополнителни аеродроми во Саудиска Арабија. Поминав уште 1 година на Блискиот Исток и се вратив во Скопје како Координатор на аеродромски операции на двата аеродрома во Скопје и Охрид, што значи дека сум одговорен за сите аеродромски операции.
Сега да се вратиме на прашањето која земја ми е омилена? Не би рекол омилена, туку во однос на целокупното менаџирање на аеродром, аеродромите во Скопје и Охрид се многу уникатни, бидејќи сите операции се вршат од страна на една компанија. Секој што би сакал да учи управување со аеродром, може да го научи тоа во ТАВ Македонија. Од друга страна пак, секоја задача и локација беа уникатни и посебни на свој начин.
Приспособувањето на некоја од овие задачи без семејството, секако дека не е лесно, но на крајот, за да бидете успешни потребно ви е семејството, како и поддршката од вашите сакани.


2018 година низ бројки

Меѓународен Аеродром Скопје

• 2.2 милиона патници патуваа во 2018 со 16% годишен пораст
• 2 милиона патници во една година – пресвртница постигната на 5 декември 2018 г.
• 2 нови авиокомпании– LOT Polish Airlines и Aegean Airlines
• 37 редовни линии се опслужувани од 13 авиокомпании (зимски ред на летање Октомври ‘18 – Март ’19)


Аеродром Св. Апостол Павле Охрид

• 184 илјади патници патуваа во 2018 со 16% годишен пораст
• 5 нови авиолинии:Истанбул, Варшава, Талин, Ајндховен и Виена.
• 3 нови авиокомпании:Onur Air, Enter Air, Nordica.
• 2 нови тур-оператори:Tatilbudur и Rainbow.
• 2 нови пазари за туристи во доаѓање:Турција и Естонија.
• 3 редовни авиолинии што сообраќаат во текот на целата година и 8 сезонски дестинации (Април – Октомври) опслужувани од 10 авиокомпании

 

Содржината е прочитана 208 пати.