Инфо

Град Скопје ќе субвенционира купување инвертер клима уреди

За секој купен инвертер клима уред, секој граѓанин којшто ќе ги исполни условите за субвенционирање ќе има можност да добие половина од вкупната вредност на уредот, но не повеќе од 15.000 денари

четврток, 07 февруари 2019

Градот Скопје за првпат досега распишува јавен повик за субвенционирање инвертер клима уреди и други современи уреди за затоплување на домаќинствата. Ова претставува уште една од мерките за борба против аерозагадувањето, за што во буџетот на Град Скопје се предвидени 20 милиони денари.

„За секој купен инвертер клима уред, секој граѓанин којшто ќе ги исполни условите за субвенционирање ќе има можност да добие половина од вкупната вредност на уредот, но не повеќе од 15.000 денари. Со оваа мерка повеќе од 1.300 домаќинства од годинава ќе добијат можност евтино да ги затоплуваат своите домови водејќи грижа за намалување на згадувањето“, рече градоначалникот Петре Шилегов на денешната прес конференција.

Тој појасни дека субвенциите за инвертер клима уредите заедно со субвенциите за печките на пелети се од големо значење додека не биде спроведена гасификацијата, бидејќи е тоа процес кој бара време за да стигне до крајните корисници.

Субвенцијата има за цел да ги мотивира граѓаните кои ги загреваат своите домови со печки кои користат огревно дрво, нафта и други нееколошки енергенси да ги заменат со далеку поевтините и поеколошките инвертер клима уреди или други современи системи за затоплување. Инвертер клима уредите трошат околу 30 отсто помалку електрична енергија од обичните клима уреди, а повеќе од 50 проценти ги намалуваат трошоците во однос на греењето со огревно дрво.
 

Содржината е прочитана 214 пати.