Инфо

Произведен првиот македонски електричен автомобил

Силата на моторот и инсталираниот капацитет на батериите обезбедуваат забрзување до 100 километри на час за 10 секунди, автомобилот постигнува максимална брзина до 130 километри, а со едно полнење можат да се поминат до 150 километри. Возилото има нулта емисија на јаглероден диоксид

четврток, 07 февруари 2019

Првиот македонски електричен автомобил ЗАС Г20, што беше промовиран вчера, e дело на тимот на „ББ Класик Карс“. Проектот, што се реализираше со финансиска поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој и од повеќе специјализирани фирми и занаетчии, е насловен како „Замена на мотор со внатрешно согорување на класичен автомобил Фиќо, со електричен мотор“.

Автомобилот има карактеристичен ретро дизајн и влегува во доменот на мали електрични возила. Шасијата и дел од опремата на ЗАС Г20 се преземени од популарното Фиќо. Силата на моторот и инсталираниот капацитет на батериите обезбедуваат забрзување до 100 километри на час за 10 секунди, а може да достигне максимална брзина до 130 километри на час. Возилото има нулта емисија на јаглероден диоксид.

„Времето на полнење изнесува три до пет часа на домашен мрежен приклучок, исто толку и на јавен наизменичен приклучок, а на јавен брз еднонасочен полнач доволни се 15 минути. Со едно полнење може да се поминат до 150 километри во реални услови на возење“, рече претставникот од „ББ Класик Карс“, Ален Јегени на вчерашното промовирање на автомобилот.

Покрај соработката со домашни фирми и занаетчии, особено треба да се истакне соработката со германската фабрика „Кеслер“, која отвори своја компанија во Македонија за производство на компоненти за електрични мотори. Со тоа, практично е овозможено овој електричен автомобил да ја носи етикетата „Произведено во Македонија“.

Јегени појасни дека дека електричното возило ЗАС може да се модифицира врз неколку модели: G20 – класично градско возило, TC20 – градско возило со спортски изглед, TCR20 – спортско возило за град и TCR50 – спортско возило за натпревари. Времето за испорака е околу два месеци од дефинирање на нарачката.
 

Содржината е прочитана 169 пати.