Бизнис вести

Државата ќе ги обештети лозарите

Лозарите од Тиквешијата би требало до крајот на февруари да ги добијат парите што им го должат винарските визби „Повардарие“ и „Стефани“ за предаденото грозје во периодот 2014-2016

вторник, 05 февруари 2019

Со усвојување на измените на Законот за земјоделство и рурален развој дадено е зелено светло за обештетување на лозарите. Со законските измени државата го презема долгот на винарниците кои им должат на лозарите за предаденото грозје уште од 2014 година. По овој основ, лозарите од Тиквешијата до крајот на февруари на сметките ќе ги добијат парите што им ги должат две винарски визби - „Повардарие“ и „Стефани“.

На овој начин, државата практично го презема долгот на визбите кои западнаа во финансиски проблеми, но ќе ги бара назад парите од винариите преку финансиски инструменти. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски изјави дека средствата што ќе се одвојат за исплата кон лозарите ќе бидат вратени во Буџетот.

„Преку постојното законско решение државата го побарува износот којшто овие винарии или откупувачи треба да го платат кон лозарите и преку финансиски инструменти на Управата за јавни приходи и Платежната агенција, овие пари ќе се вратат во Буџетот. Лозарите долго чекаа на решавање на овој проблем и сметаме дека е одговорно што побрзо да ги добијат своите пари“, рече Николовски.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев вели дека е ова единственото исправно решение за да можат лозарите и понатаму да продолжат со својата дејност.

„Не постои друг начин освен државата да им помогне преку програмата за субвенционирање на земјоделските производи, бидејќи, ако не го направи тоа, лозарите од Тиквешкиот регион кои останале оштетени од овие постапки не ќе можат да ги продолжат своите активности, односно, не ќе можат повторно да засадат површини или да ги одржуваат веќе засадените. На тој начин ќе го нарушиме целиот процес на нивно производство, бидејќи повеќе години не успеале да ги земат своите средства“, вели Анѓушев.

Деновиве се очекува претседателот на државата да ги потпише измените на Законот за земјоделство и рурален развој кои беа донесени во Собраниете и веќе во четврток на владина седница да се донесе одлуката.
По ова, Министерството за земјоделство ќе го задолжи Државниот инспекторат за земјоделство да направи пресметки за точниот долг, по што ќе почне исплатата на парите. Со исплатата треба да бидат опфатени сите лозари кои во периодот 2014-2016 година го предале своето грозје во винарии што во тој период биле регистрирани во Регистарот на МЗШВ, а не добиле пари за тоа.
 

Содржината е прочитана 201 пати.