Бизнис вести

Делегација на ЕБОР во четиридневна посета на Македонија

Целта на посетата е да се договорат приоритетите на македонската Влада и да се идентификуваат клучните области каде ЕБОР може да се ангажира за да се интензивира деловниот и политичкиот дијалог

вторник, 05 февруари 2019

Делегација од Европската банка за обнова и развој ќе престојува во четиридневна посета на Македонија при што ќе има средби со владини претставници, бизнис лидери и со граѓански организации.

Посетата претставува подготвителна активност за стратегијата на ЕБОР за Македонија за периодот од 2019-2023 година. Целта е да се договорат приоритетите на македонската Влада и да се идентификуваат клучните области каде ЕБОР може да се ангажира за да се интензивира деловниот и политичкиот дијалог.

Делегацијата составена од девет директори на институцијата за различни држави, ќе ја предводи Франс Викер, директор за Холандија, Кина, Монголија, Македонија и Ерменија. Тие ќе се сретнат со премиерот Зоран Заев, министерот за финансии и гувернер за Македонија во ЕБОР, Драган Тевдовски, со претставници од Кабинетот на вицепремиерот и заменик-гувернер за Македонија во ЕБОР, Кочо Анѓушев и со гувернерот на НБРМ, Анита Ангеловска-Бежоска. Покрај тоа делегацијата ќе има средби и со меѓународните финансиски организации, Европската унија, комерцијалните банки, компании за енергија во државна и општинска сопственост, како и со граѓанскиот сектор и со дипломатскиот кор.

ЕБОР има инвестирано над 1,8 милијарди евра во 113 проекти во Македонија, фокусирајќи се на поддршка на интеграцијата на земјата во регионалните и глобалните пазари, преку инвестиции и политички дијалог, особено во интензивирање на соработката со клучните партнери - ЕУ и Европската инвестициска банка.
 

Содржината е прочитана 62 пати.