Бизнис вести

Македонија пристапи кон највисокиот стандард за дисеминација на статистички податоци на ММФ

Процесот на пристапувањето на земјава кон СДДС Плус стандардот почна во 2013 година кога Македонија го извести ММФ дека посветено работи на постигнување на 9 категории на податоци за членство. Пет од задолжителните индикатори се веќе исполнети, а останатите четири треба да се постигнат во рок од пет години од денот на пристапување

петок, 01 февруари 2019

Македонија е 18-та земја во светот и втора во Југоисточна Европа, но прва од земјите кои не се членки на ЕУ што пристапи кон нависокиот стандард за дисеминација на статистички податоци на Меѓународниот монетарен фонд – СДДС Плус.

Пристапувањето на стандардот е резултат на заедничката работа на Државниот завод за статистика (ДЗС), НБРМ и Министерството за финансии. Процесот на пристапувањето на земјава кон СДДС Плус стандардот почна во 2013 година кога го извести ММФ дека посветено работи на постигнување на деветте нови или соодветно прилагодени категории на податоци за членство, од кои седум требаше да ги реализира НБРМ, а два Министерството. Со самото пристапување пет од задолжителните индикатори се веќе исполнети, а останатите четири треба да се постигнат во рок од пет години од денот на пристапување.

Според министерот за финансии, Драган Тевдовски со пристапувањето кон СДДС Плус стандардот Македонија влегува во групата земји со највисок стандард за известување, што ќе придонесе за поголема доверба и подобро позиционирање кај меѓународните финансиски институции, кредитните рејтинг агенции и кај инвеститорите.

„За меѓународните инвеститори и институции особено се важни статистичките стандарди. Ако тие веруваат во податоците, тогаш влегуваат во државата. Со пристапување кон СДДС Плус го јакнеме кредибилитетот на државата во меѓународни рамки. Стратешки цели на државата се евроатлантските интеграции, порастот за животниот стандард и подобар и поквалитетен живот за граѓаните, а точните и целосни статистички податоци даваат приказ каде сме и основа за правилни и навремени одлуки за постигнување на овие цели“, рече Тевдовски.

Гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска-Бежоска посочи дека од 28 јануари годинава Република Македонија е членка на највисокиот статистички стандард на ММФ за дисеминанција на податоци.

„На глобален план веќе одамна е апсолвирано дека квалитетната дисеминација на податоци е клучна за ползување на придобивките на статистиката. Затоа, со сигурност можам да кажам дека 28 јануари 2019 година е датум од историско значење за македонскиот статистички систем, но и за македонската економија, бидејќи таа сега има можност да биде една од 18-те економии во светот кои имаат сет на статистички показатели според највисокиот меѓународен стандард за дисеминанција на податоци“, рече, потенцира Ангеловска-Бежоска и најави дека и во наредниот период максимално ќе се работи за да се испорачаат и останатите четири индикатори.

За директорот на ДЗС, Апостол Симовски, пак,пристапувањето кон СДДС Плус стандардот претставува уште еден успех во насока на подобрување и усогласување на статистичките податоци кон меѓународните стандарди.

„Целта на овој највисок стандард на ММФ е да им помогне на статистички напредните земји во однос на продукцијата на сеопфатни, навремени и веродостојни економски и финансиски податоци во рамките на постојните економски и финансикси интеграции. Исполнувањето на високите критериуми а ММФ е уште еден успех на Република Македонија и на националниот статистички систем во насока на подобрување и усогласување на статистичките податоци со меѓународните стандарди“, рече Симовски.

Пристапувањето кон СДДС Плус стандардот е доброволно и со актот на пристапување секоја земја членка презема обврски да го почитува стандардот и да му обебеди одредени информации на ММФ за нејзините практики за публикување на економските и финансиските податоци.

Националната страница во која податоците се претставени во СДМХ форматот кој овозможува нивна компјутеризирана обработка веќе е поставена на веб-страницата на ДЗС и до неа се пристапува и од веб-странците на НБРМ и МФ. Националните мета податоци се поставени и на веб-страницата на билтенот за специјални стандарди за дисеминација на ММФ.

 

Содржината е прочитана 201 пати.