Бизнис вести

ЕУ и Јапонија ја отворија најголемата зона за слободна трговија во светот

Според договорот, Јапонија ќе ги укине царинските давачки на 97 отсто од увозот од ЕУ, а Унијата ќе ги укине царините на 99 проценти од увозот од Јапонија. Пресметките покажуваат дека со тоа обемот на трговијата помеѓу ЕУ и Јапонија може годишно да порасне за 36 милијарди евра

петок, 01 февруари 2019

Европската унија и Јапонија денеска ја отворија најголемата зона за слободна трговија во светот, која опфаќа околу една третина од светската економија. Со тоа ќе бидат отстренeти повеќето од една милијарда евра платени годишни давачки од европските компании кои извезуваат во Јапонија. Договорот, исто така, ги отстранува голем број трговски бариери надвор од царината, како што е единствен стандард за автомобилите.

„Европа и Јапонија испраќаат порака до светот за иднината на отворена и фер трговија. Отвораме пазар кој е дом на 635 милиони луѓе и речиси една третина од светскиот бруто домашен производ. Нашиот договор покажува дека трговијата е повеќе од квоти и царини, или милиони и милијарди. Се работи за вредности, принципи и чесност, а тоа ги вклучува принципите на работа, безбедност, заштита на климата и потрошувачите“, се вели во изјавата претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, цитиран од прес-центарот на ЕК.

Според европската комесарка за трговија, Сесилија Малмстром договорот ги отстранува царините и придонесува за глобалните правила, во истовреме покажувајќи му на светот дека и двете страни остануваат убедени во придобивките од отворената трговија.

Според договорот, Јапонија ќе ги укине царинските давачки на 97 отсто од увозот од ЕУ, вклучувајќи и на 82 отсто од земјоделските и производите од риба. Така, се укинуваат јапонските царини за сирењата гауда и чедар, кои изнесуваат 29 отсто, како и за виното, кое во просек се царини 15 проценти.

Договорот предвидува земјите на ЕУ да можат да го зголемат својот извоз на говедско месо за Јапонија, додека, пак, трговијата со преработеното свинско месо ќе биде без царина, исто како и свежото месо. Исто така, предвидено е отворање пазар за услуги, особено во финансискиот сектор, е-трговијата, телекомуникациските услуги и транспортот.

Европската унија ќе ги укине царините на 99 проценти од увозот од Јапонија. Во текот на осум години од почетокот на примената на договорот ќе бидат укинати и царините на јапонските автомобили, а за шест години на телевизорите.

Според пресметките презентирани од страна на ЕК, откако догворот ќе биде целосно имплементиран, обемот на трговијата помеѓу ЕУ и Јапонија годишно може да порасне за 36 милијарди евра.

Унијата и Јапонија постигнаа политички договор во јули, а неговата ратификација заврши во декември. Договорот, кој беше скучен во период на тензии во глобалната трговија, всушност, претставува одговор на двете страни на протекционистичките закани особено од американскиот претседател Доналд Трамп откако воведе царини за увоз на челик и алуминиум и почна да разгледува царини за автомобилската индустрија кои можат да ги погодат ЕУ и Јапонија.

 

Содржината е прочитана 150 пати.