Инфо

Бугарија одобри да се гради продолжението на гасоводот „Турски тек“

Проектот за изградба на гасовод низ Бугарија преку кој ќе се пренесува руски гас од Турција кон Србија е „тежок“ 1,4 милијарди евра

петок, 01 февруари 2019

Компанија „Булгартрансгас“, бугарски опеатор за транзит на гас одлучи да инвестира во проширување на националниот систем за транзит на гас и да го гради продолжението на гасоводот „Турски тек“ низ Бугарија.

Од компанијата соопштија дека проценката на инвестицијата во проектот за изградба на гасоводот преку кој ќе се пренесува руски гас од турската до српската граница е 2,77 милијарди бугарски левови без ДДВ, односно околу 1,4 милијарди евра.

Конечната одлука е донесена откако Бугарите продале 100 отсто од предвидените капацитети за транспорт на рускиот гас за наредните 30 години, со што гасоводот ја потврдил исплатливоста. Бугарската министерка за енергетика изјавила дека проектот го положил економскиот тест и веќе пресметале колкав приход ќе имаат од транзитни такси.

Со ова Бугарија практично даде зелено светло за гасовод кон Србија. Српските дипломати објаснуваат дека ова претставува почетен чекор за реализација на „Турски тек“.

Проектот, помеѓу другото се рализира поради прием на гасот кој доаѓа од Русија преку гасоводот „Турски тек“.

Неодамна „Гаспром“ ја заврши изградбата на два крака на морскиот гасовод „Турски тек“, по дното на Црното море, со капацитети од 15,75 милијарди кубни метри годишно. Еден крак е предвиден за турскиот, а другиот за европскиот пазар.
 

Содржината е прочитана 219 пати.