Инфо

Проектите „Купи куќа, купи стан“ и „Купи куќа за млади“ продолжуваат со пониски камати и подобри услови

Кога државата субвенционира дел од отплата на ратата, каматната стапка се намалува од 3,95 на 2,9 отсто во првите три години, а во четвртата и петтата година од 4,44 на 3,9 отсто. За опцијата, пак, каде државата субвенционира дел од учеството, каматната стапка за цело време на отплата на кредитот ќе биде 4, наместо 4,44 отсто

четврток, 31 јануари 2019

Пониски камати, нови модели на субвенционирање, подобрени услови и буџетска поддршка од два милиони евра годинава предвидуваат измените на Законот за субвенционирање станбен кредит со кои практично продолжуваат проектите „Купи куќа, купи стан“ и „Купи куќа за млади“. Законските измени Владата ги усвои на седницата во вторникот, а ќе почнат да се применуваат откако ќе ги изгласаат пратениците.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски денеска појасни дека со законските измени во кои државата субвенционира дел од отплата на ратата за станбениот кредит каматната стапка се намалува од 3,95 на 2,9 отсто во првите три години, а во четвртата и петтата година од 4,44 на 3,9 отсто. За опцијата, пак, каде државата субвенционира дел од учеството, каматната стапка ќе биде 4, наместо 4,44 отсто како што беше досега.

„Најголема новина и поволност за граѓаните е значителното намалување на каматните стапки. Намалувањето на каматните стапки значи сериозна заштеда за граѓаните. На пример, за кредит од 50.000 евра, само по основ на камати граѓаните ќе заштедат 1.300 евра. Исто така, се нуди поволност за младите до 35 години, каде место 50 отсто од ратата или учеството, државата ќе покрие 70 отсто, со што им ќе им помогнеме на оние кои немаат живеалиште да можат тоа да го направат и да им се помогне на оние на кои навистина им е потребно“, рече Тевдовски и додаде дека се нуди и друга поволност, а тоа е дополнителна едногодишна субвенција на месечната рата до 30 проценти за секое родено или посвоено дете во период од 10 години.

Министерот потенцираше дека намалените камати и новите услови ќе важат само за новите корисници, додека, пак, оние кои веќе имаат субвенциониран станбен кредит, ќе продолжат да го отплатуваат под условите под кои го добиле.

Со законските измени проектот „Купи куќа за млади“ се преименува во „Изгради/купи куќа за над 35 години“ и притоа во случај кога државата субвенционира рата, субвенцијата изнесува 80 отсто од месечната рата во период од пет години, додека кај опцијата учество, се субвенционира 80 проценти од учеството.

Тевдовски рече дека со новото законско решение се ограничува големината на куќите и становите кои може да се купат до 150 квадратни метри, со цел да се оневозможи финансирање луксуз.

Исто така се прецизираат и условите за добивање субвенции, па место максимум приходи по основ на плата, се воведува максимум по основ на вкупни приходи, а прагот на приходите останува ист, односно 900 евра за поединец и 1.300 евра за брачни другари. За субвенциониран станбен креди можат да аплицираат и лица кои поседуваат делови од друг наследен и подарен недвижен имот, но со ограничена на вредност од 30.000 евра..

Претседателот на Македонската банкарска асоцијација, Коста Митровски рече дека новите услови ќе ги презентира пред сите нивни членки и ќе ги повика сите 15 членки да се вклучат во реализација на овој проект. Досега вакви кредити давале осум банки.
 

Содржината е прочитана 243 пати.