Бизнис вести

Македонија е лидер во регионот според Индексот на економска слобода, се приближува до Скандинавија

Македонската економија е 33-та најслободна економија во светот, а 17-та меѓу 44 земји од Европа

четврток, 31 јануари 2019

Македонија е 33-та најслободна земја во светот според Индексот на економски слободи за 2019 година што го изработува фондацијата „Херитиџ“, а 17-та меѓу 44 земји од Европа.

Оценката за економската слобода на Македонија е 71,1, што ја прави нашата економија една од најслободните во светот, додека вкупниот резултат е над регионалните и светските просеци.

Во извештајот се наведува дека Македонија ја одржува макроекономската стабилност по глобалната финансиска криза, но оти внатрешната политичка криза ги попречува економските перформанси. Како главни забелешки се посочуваат нивото на сивата економија што опфаќа меѓу 20 и 45 проценти од БДП, непродуктивните јавни трошоци, како и тоа дека постои законска рамка, но има слабост во имплементацијата. Потребни се и структурни реформи кои ќе се насочат на борбата против корупцијата и гломазната администрација.

„Фискалната политика во изминатава година беше лабава, со непродуктивни јавни расходи, вклучително и субвенции и зголемување на пензиите, како и зголемување на гаранциите за долгот на претпријатијата во државна сопственост“, се вели во извештајот за економските слободи изработен од „Херитиџ“.

Македонија е најдобро рангирана од земјите во регионот. По неа се Бугарија на 37, Косово 51, Албанија 52, Словенија 58, Србија 69, БиХ 83, Хрватска 86, Црна Гора 92 и Грција 106 место.

Највисоко рангирани земји според Индексот на економска слобода се Хонг Конг, Сингапур, Нов Зеланд, Швајцарија и Австралија, а најлоши Зимбабве, Република Конго, Еритреја, Куба, Венецуела и Северна Кореја.
 

Содржината е прочитана 196 пати.