Инфо

„Глобал Фајненс“: Исланд најбезбедна земја во светот, Македонија побезбедна од САД

Од 128 држави опфатени со анализата на њујоршкиот магазин, Македонија се најде на 59-то место, додека САД се на 65. Како најнебезнедни се сметаат Јемен и Филипините

четврток, 31 јануари 2019

Исланд е најбезбедна земја во светот, според листата на њујоршкиот магазин „Глобал Фајненс“, додека Македонија е рангирана на 59-то место меѓу 128-те држави опфатени со анализата и е побезбедна дури и од САД, кои се најдоа на 65-то место.

По Исланд, на листата на најбезбедни земји следуваат Швајцарија и Финаска, додека на двете последни места се Јемен и Филипините.

Од земјите во регионот најдобро е рангирана Словенија на 12-то место, а потоа следуваат Хрватска на 22, Бугарија на 42, Босна и Херцеговина на 56, Грција на 57, Србија на 58, а Албанија на 69-то место.

Во образложението на листата магазинот наведува дека при рангирањето биле земени предвид три фактори: војната и мирот, личната безбедност и ризикот од природни непогоди. Резултатот ги сумира индексите на трите ризици и претставува сеопфатен поглед на безбедноста на секоја земја одделно, што значи дека високо ниво на ризик кога е во прашање еден фактор има големо влијание на конечното рангирање на земјата, наведува „Глобал Фајненс“.

Според магазинот, тоа што Филипините се наоѓаат на последото место, зад Јемен, каде се води граѓанска војна, се должи на фактот што земјата има „лоши резултати“ во однос на личната безбедност и зачестеноста на природни непогоди.

„Ужасниот резултат на Јемен е последица на војната и гладта, но оваа земја има сосема мал ризик од природни непогоди. Затоа Филипините се полошо рангирани од Јемен, иако Јемен е воена зона“, се вели во обрзложението на „Глобал Фајненс“.

На врвот на листата меѓу првите 20 земји 16 се од Европа, а надвор од европскиот континент се само Катар, Сингапур, Нов Зеланд и Канада.

„Економскиот развој, по се изгледа го намалува ризикот од избувнување воен судир или насилство во семејството. Во суштина, овие два фактори се поподложни на контрола, отколку ризикот од природните непогоди, врз кои често влијае географијата“, наведува магазинот.

Сепак, кај некои економски развиени земји, како што се САД, ризикот од насилни злосторства е поголем поради високата стапка на убиства, а тоа влијае на намалување на личната безбедност. Дополнително, големо влијание на неповолното рангирање на САД има и поголемиот ризик од природни непогоди.

Слично е и со една од економски најравиените земји во светот, Јапонија, која токму поради големиот ризик од елементарни непогоди се најде на 43-то место на листата, зклучува „Глобал Фајненс“.
 

Содржината е прочитана 181 пати.