Бизнис вести

ССК: Политичката неизвесност го „изеде“ приватниот сектор, предложени 7 приоритети за економска 2019 година

Сојузот на стопански комори предупредува дека е голем бројот на компании што се заинтересирани да ги преселат своите бизниси во соседството, особено во Бугарија и Србија, а истовремено не запира и заминувањето на младите од земјава

среда, 30 јануари 2019

Политичката неизвесност која придонесува за влошување на деловната клима го „изеде“ приватниот сектор. Сојузот на стопански комори предупредува дека е голем бројот на компании што се заинтересирани да ги преселат своите бизниси во соседството, особено во Бугарија и Србија, а истовремено не запира и заминувањето на младите од земјава.

Домашните бизнисмени предлагаат редица мерки кои Владата треба да почне да ги спроведува веднаш, а меѓу нив има седум приоритети, бидејќи, како што нагласуваат, ќе нема ниту компании, ниту работници на пазарот.

„Политичката неизвесност го ’изеде’ приватниот сектор. Дневно-политичките препукувања дадоа огромна доза на несигурност дека нештата ќе се средат, а сега сме пред претседателски избори и можеме само да се надеваме дека нема да има дополнителни избори, затоа што се во државата ќе биде во застој до јуни месец. Не можеме да очекуваме да имаме економска година доколку сме во застој во првите два квартали од годината“, рече вчера Данела Арсоска претседател на ССК и додаде дека очекуваат да се слушне гласот на бизнис заедницата која го полни државниот буџет.

Сојузот на стопанските комори на Македонија по одржаните состаноци со претседателството, регионалните комори и ресорните институции, испорача 7 приоритети од приватниот сектор за остварување на основните предуслови за да се оствари раст во сите сектори и да има реална основа 2019 да биде економска година. Потебна е, пред се, политичка и правна сигурност со цел исполнување на основните обврски и почнување со инвестициите, кои досега беа одложувани. Потоа треба да се овозможи континуиран раст на националното стопанство.

„Годинава потребно е да почне со зголемен интензитет реализацијата на инфраструктурни проекти, кои се од голема важност за сите стопански сектори, понатаму да се преземат значајни реформи за спречување на континуираната миграција, како и да се креира нова агенда за зголемување на надворешната трговија, особено на извозот. Во нашата земја, само 3.500 компании, или само 5 отсто од вкупниот број активни трговски друштва во земјата се извозници“, рече Арсовска.

Понатаму како приоритети домашниот бизнис сектор ги посочува менувањео на законите да биде исклучиво во консултација со бизнисот, постојана борба против корупцијата, итна реакција на институциите по секое укажување на бизнис заедницата, минимизирање на поларизацијата на оптеството и зајакнување на борбата против сивата економија.


 

Содржината е прочитана 162 пати.