Култура

Почнува Фестивалот „Вардар филм прикажува - македонски филмски класици“

Со прикажување на филмот „Хај-Фај“ во режија на Владимир Блажевски, снимен во 1987 година, вечер во киното „Синеплекс“ во Скопје почнува првото издание на Фестивалот „Вардар филм прикажува - македонски филмски класици“.

четврток, 08 октомври 2015

Со прикажување на филмот „Хај-Фај“ во режија на Владимир Блажевски, снимен во 1987 година, вечер во киното „Синеплекс“ во Скопје почнува првото издание на Фестивалот „Вардар филм прикажува - македонски филмски класици“.

Во рамки на фестивалот, кој ќе трае до 12 октомври, ќе бидат прикажани исклучително важни филмови кои од 1959 до 1991 година кои беа создавани под логото на „Вардар филм“ и наградени со релевантни признанија.

Станува збор за дел од најзначајните филмски остварувања создавани во најдобрите и најплодните години на продуцентската куќа „Вардар филм“.

Љубителите на седмата уметност ќе може да ги видат и класиците „Три Ани“ во режија на Бранко Бауер (1959); „Среќна Нова '49“ во режија на Столе Попов (1986); „Планината на гневот“ во режија на Љубиша Георгиевски (1968) и „Тетовирање“ во режија на Столе Попов (1991).

Според министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска, организирањето на овој фестивал со македонски филмски класици, ќе биде убава можност да биде презентиран дел од историјата на филмот на овие простори, а преку оваа манифестација ќе ги демонстрираат и нивните заложби за негување на филмската култура и сето она што изминатите децении произлегло од најстарата продуцентска куќа во нашата земја.

Билетите за филмовите чинат 100 денари

(Преземено од МИА) 

Содржината е прочитана 429 пати.