Инфо

Град Скопје и ЕБОР потпишаа договор за заем од 10 милиони евра за 35 нови автобуси на гас

Голем дел од автобусите ќе бидат нископодни и зглобни - дводелни, а преостанатите ќе бидат нископодни - единечни

понеделник, 28 јануари 2019

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов денеска го потпиша договорот со Европската Банка за обнова и развој (ЕБОР) за заем во вредност од 10 милиони евра за набавката на 35 нови екоавтобуси на гас за главниот град. Со тоа и официјално почна постапката за набавка на овие автобуси.

За оваа цел ќе бидат обезбедени и дополнителни 1,8 милиони евра од ЈСП и грант од 1,1 милион евра за техничка соработка при подготовката на проектот.

„Ова е прва набавка на автобуси за ЈСП ’Скопје’ после 7 години, што претставува релативно долг временски период кога е во прашање обновата на возниот парк на ЈСП. Очекувам дека од крајот на оваа, најдоцна од почетокот на идната година по скопските улици ќе се возат нови автобуси на еколошко гориво, со CNG технологија на компримиран гас со ЕУРО 6 стандард на загадување. Овие автобуси ќе ги исфрлат од употреба старите дотраени дизел автобуси на ЈСП со ЕУРО 2 стандард, без клима и дополнителна опрема. Голем дел од автобусите ќе бидат нископодни зглобни - дводелни, а преостанатите ќе бидат нископодни - единечни. Зглобните автобуси ја имаат таа предност што имаат капацитет да превезуваат речиси двојно повеќе патници од двокатните и многу побрзо патниците да влегуваат и излегуваат од возилата“, рече Шилегов.

Тој додаде дека одлуката за набавка на ваков тип автобуси е донесена по спроведени тест возења на 3 различни модели автобуси на гас и еден електричен автобус во текот на минатата година. Резултатите од тест возењата покажале дека ваквиот тип автобуси се еколошки, енергетски ефикасни и економски исплатливи и речиси и да не го загадуваат воздухот, потрошувачката на гориво им е сведена на минимум, а се релативно евтини за одржување.

„Во рамките на техничката соработка која ни ја овозможува ЕБОР освен стручната подготовка при набавката на автобуси ќе се работи и на унапредување на оперативните и финансиски перформанси на ЈСП, реорганизација на автобускиот превоз преку стратегија за реструктурирање и помош на Градот во подготовката на акцискиот план за зелен град“, рече Шилегов.

Градот Скопје континуирано работи на создавање услови за поздрава животна средина, бидејќи граѓаните заслужуваат почист воздух и побрз проток на сообраќајот, а со сите промени што ги планира во јавниот транспорт на патници, на среден рок скопјани ќе може да ги почувствуваат позитивните промени на тој план.


 

Содржината е прочитана 221 пати.