Интервјуа

Највисоки стандарди во Билкарство за врвен квалитет на производите на „Алкалоид“

Интервју со Маја Стефкова, директор на производство и развој во Билкарство - „Алкалоид“ во кое објаснува со што се занимава секторот Билкарство, за високиот квалитет на чаевите од брендот GOODE NATURE, за богатиот асортиман на производи на компанијата наменети за одржување на убава, вита става и добра енергетска состојба на организмот, како и за тоа колку работата на оваа позиција и претставува задоволство

понеделник, 28 јануари 2019

МАРИЛИ: Што претставува секторот Билкарство во „Алкалоид“ АД Скопје. Колку вработени има во него и што се произведува? 

СТЕФКОВА: Секторот Билкарство е дел од профитниот центар Хемија, козметика и билкарство, кој е дел од „Алкалоид“ АД Скопје, покрај профитниот центар Фармација. Билкарство се занимава со производство на прехранбени производи, а најголем дел се чаеви и тоа конвенционални и органски, како и разни зачини, додатоци на јадењата, прехранбена сол, додатоци на исхраната. Производите се произведуваат во согласност со најсовремените стандарди за производство на безбедна храна, за што сме сертифицирани. Следењето на стандардите, како и технолошката опременост во овој сегмент на производство ни обезбедуваат услови за беспрекорен квалитет на нашите производи, на што сме особено горди. Во овој дел на „Алкалоид“ работат околу стотина вработени.

МАРИЛИ: Од каде се снабдувате со суровини – лековити билки за производство на чаеви? Дали поголем дел се од Македонија?
СТЕФКОВА:
Снабдувањето со суровини за нашите производи е особено специфичен процес и навистина ни претставува сè поголем предизвик. Имајќи предвид дека работиме со природни суровини, за кои имаме пропишано строги меѓународни норми и спецификации за квалитет што вклучуваат испитување на различни видови параметри, снабдувањето е мошне тежок процес. Наша цел е обезбедување стандарден висок квалитет на лековитите билки што ги користиме за производство на нашите чаеви GOOD NATURE, но особено и на чаевите што ги произведуваме за други светски познати трговски марки. 
Собирањето диворастечки лековити билки на одржлив начин, од строго дефинирани локалитети во државава, е практика што кај нас се почитува од самите почетоци на постоењето на компанијата. За жал, последниве десетина години драстично се намалува бројот на собирачи на билки со кои децении наназад успешно соработувавме и од кои откупувавме лековити билки. Наедно тоа е главната причина поради која сè повеќе увезуваме лековити билки од други земји, на пример, Германија, Хрватска, Србија, Русија, Бугарија, Шпанија, Полска и од многу други. 

МАРИЛИ: Асортиманот на чаевите GOOD NATURE го освои и американскиот пазар. Колку е значаен овој извоз за „Алкалоид“ и на кои други пазари извезувате?
СТЕФКОВА
: Секако дека од особено значење ни е извозот на нашите чаеви на американскиот пазар, посебно заради големината на самиот пазар. Американскиот пазар, како и сите други, има свои специфики и е особено пребирлив, но успеваме да ги исполниме сите барања на тамошните купувачи, не само во однос на креирањето вкусови туку и во однос на строгите регулаторни барања и супериорниот квалитет. Ги исполнивме и се сертифициравме по специфичните стандарди за производство на безбедна храна што ги побаруваат тамошните купувачи или Агенцијата за храна и лекови на САД.
На овој пазар пласираме разни видови чаеви под нашиот бренд GOOD NATURE, но произведуваме и за други светски познати трговски марки. Производите што ги произведуваме за други трговски марки се органски и конвенционални чаеви што се продаваат и дистрибуираат не само во САД туку и во повеќе други држави, на пример, Канада, Австралија, Нов Зеланд, Тајван и земјите од Европската Унија. 
Приближно десетина години сме присутни на најголемите и најпознатите саеми за храна што се одржуваат во САД, како што се саемот „Fancy Food“ што се одржува во Њујорк и саемот за органски производи „Natural Products Expo West“ што се одржува во Лос Анџелес. Овие саеми ни овозможија да ги претставиме нашите производи пред огромниот број посетители на нашите штандови и ни отворија многу врати кај тамошните „големи“ купувачи. Купувачите од овој континент се воодушевени од вкусовите и од комбинациите на лековити билки што ги нудиме, а особено ги ценат и „фармацевтските принципи“ врз чија основа ги произведуваме чаевите. 

МАРИЛИ: Колку производите од секторот Билкарство се наменети за одржување на убава, вита става и добра енергетска состојба на организмот, што всушност е потреба на современиот начин на живеење?
СТЕФКОВА:
Во асортиманот на производи на Билкарство влегуваат навистина огромен број разни видови чаеви, хербални, овошни, зелени чаеви, еднокомпонентни и комбинации од билки. Чајот како напивка, може да речам, веќе стана секојдневје кај секој што се грижи за своето здравје и за одржувањето на својата благосостојба. Ако некогаш се велеше дека чај се пие само кога има настинка или други нарушувања на здравствената состојба, сега веќе тоа не е случај. Се чини дека веќе секому му се добро познати благодатите на чајот и уживањето во шолја чај премина во навика во овој современ динамичен начин на живеење.
Ние навистина се трудиме да ги следиме светските трендови во ова поле на природни производи и креираме чајни комбинации што, покрај нивните позитивни дејства врз организмот, наедно придонесуваат и за моменти на релаксација и задоволство, преку уживање во богатството од вкусови и мириси.
Покрај чаевите, во асортиманот на Билкарство влегуваат и производи во облик на капки што претставуваат своевидни комбинации на разни екстракти од билки и тие се наменети за подобрување или за одржување на одредени физиолошки функции на организмот. Такви се билните капки од валеријана, артичока, коприва, капки што помагаат за подобра циркулација и уште многу други. Билните капки вообичаено ги препорачуваме во комбинација со чаевите и тие сè повеќе се користат за одржување на убава и вита става.

МАРИЛИ: Колку долго сте на оваа раководна позиција, што сте по професија и колку е напорно да се биде жена менаџер во ваков производен сектор во една водечка компанија во нашата земја? 
СТЕФКОВА
: Високото образование го завршив на Фармацевтскиот факултет во Скопје, каде што неколку години подоцна завршив и специјалистички студии по фармацевтска технологија. Мојот афинитет кон лековитите билки и предметите што ги изучуваат го препознав уште во текот на студиите и особено бев радосна што и мојот прв ангажман како дипломиран фармацевт беше во овој дел од најголемата фармацевтска индустрија во државава и пошироко - „Алкалоид“ АД Скопје.
Од неодамна сум менаџер на Билкарство, но повеќе од 13 години бев раководител на Истражување, развој и регистрации Билкарство. Ова долгогодишно работење во Истражување, развој и регистрации ми овозможи добро да ги запознаам и да ги спознаам сите процеси што се одвиваат во Билкарство, но и пошироко во „Алкалоид“, вклучително и производството, контролата на квалитетот, магацинското работење и, секако, во најмногу детали работењето на секторот од каде што произлегуваат новите производи.  Многубројните обуки, усовршувањата што имав можност да ги проследам изминативе години, тука во Македонија, но и во странство, ме изградија во личност што подготвено ја дочека оваа раководна позиција. Имав чест да бидам дел од програмата за обука во НР Кина каде што ја усовршив мојата едукација за производство и процесирање на зелен чај, во Јапонија каде што учествував на обуката за јапонски корпоративен менаџмент и таму имав можност да се запознаам со начините на менаџирање во јапонските компании. Работата на оваа позиција ми е задоволство бидејќи имам тим на кој можам да се потпрам и кој постојано, заедно со мене, се усовршува и секојдневно се подобрува во работењето. Целиот мој професионален ангажман немаше да биде остварлив ако го немав разбирањето од моите најблиски, од семејството. За разбирањето за моите секојдневни обврски, службените патувања и за отсуствата од дома неизмерно сум им благодарна и сметам дека љубовта и разбирањето во семејството, всушност, се клучен фактор за успешно функционирање на менаџерската позиција на која се наоѓам. 

МАРИЛИ: Дали имате слободно време и како го исполнувате, дали и колку често седнувате со Вашите пријатели да се напиете чај и кој Ви е омилен?
СТЕФКОВА:
Се трудам слободното време да го минувам во природа, секогаш кога ми дозволуваат времето и околностите. Ја сакам природата, ги сакам планините и билките, обожавам да ги откривам бескрајните пространства на повисоките надморски височини. Во текот на студиите секое лето активно учествував во студентските проекти за мапирање на лековитите билки на територијата на Македонија, па мислам дека оттаму и започна мојата љубов кон растенијата. Уште тогаш многу лесно ги научив, но и ги запомнив латинските имиња на билките што најчесто беа особена мака за моите колеги, едноставно уживав да го откривам нивниот диверзитет.
Уживам во пиењето чај, иако знам да го испијам и додека работам пред компјутер, без да обрнам особено внимание, но знам и вистински да уживам кога го пијам во друштво. Имам повеќе омилени чаеви, мислам дека тоа не е чудно, но ќе ги издвојам мајчина душица од хербалните и белиот чај од зелените чаеви. Најомилена комбинација ми е бел чај со портокал.
 

Содржината е прочитана 1008 пати.