Инфо

ЕУ воведува задолжително породилно отсуство за татковците

Советот на ЕУ и Европскиот парламент постигнаа договор според кој се утврдува минимум од 10 дена платено татковско отсуство за мажите со надомест во висина утврдена на ниво на ЕУ за породилно отсуство

петок, 25 јануари 2019

Советот на ЕУ и Европскиот парламент постигнаа договор за нова директива за рамнотежа меѓу работата и семејниот живот на родителите и старателите. Според новите правила, се воведува задолжително породилно отсуство за татковците (или „вторите родители“ опфаќајќи ги и истополовите парови) по раѓањето на нивното дете и се воведува ново право на платено отсуство за грижа за блиските роднини.

Со директивата се утврдува минимум од 10 дена платено татковско отсуство за мажите со надомест во висина утврдена на ниво на ЕУ за породилно отсуство. 

Исто така се предвидува и право на четири индивидуални месеци породилно отсуство, од кои два месеца се непреносливи од еден родител на друг со цел да се избегне праксата да се префрла на мајката.

Се воведува и ново право за работниците, старателско отсуство, според кое вработените ќе имаат право за платено отсуство од пет работни дена во текот на годината за да се грижат за блиски роднини кои имаат потреба од помош, поради здравствени причини.

„Овој договор им овозможува на семејствата со вработени родители и старатели да одлучат како да ги комбинираат работата и семејниот живот. Ова е голем чекор кон Европа со истакната социјална компонента, во духот на начелата врз кои се темелат социјалните права. Новите правила за рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот кои се соодветни за 21 век ќе им овозможат на вработените жени и мажи подеднакво да ја споделат одговорноста за грижата за деца и роднини“, се вели во писмената изјава на потпретседателот на Европската комисијата, Франс Тимерман и комесарките Маријан Тајсен и Вера Јурова.

 

Содржината е прочитана 239 пати.