Инфо

Сите 624 вакцини против морбили со погрешни декларации ќе завршат на „Дрисла“

На дистрибутерот „Македонија лек“ му се заканува казна и до 50.000 евра, како и дисквалификација на следниот тендер за набавка на лекови

четврток, 24 јануари 2019

Агенцијата за лекови (МАЛМЕД) ќе наложи увозникот и дистрибутер „Македонија лек“ да ги уништи сите 624 МРП вакцини против морбили на кои имаше погрешни декларации со истечен рок. Сега „Македонија лек“ има обврска во рок од три дена да достави изјава дека вакцините се однесени на „Дрисла“.

„Овие вакцини се прогласени за неисправни според законската процедура и ќе бараме нивно уништување. Спалувањето на вакцините е заради техничката грешка со декларацијата, а не заради тоа што се неисправни“, велат од МАЛМЕД и најавуваат дека најверојатно ќе бараат максимална казна за „Македонија лек“ која изнесува од 25 000 до 50 000 евра.

Од Министерството за здравство, пак, се уште не кажуваат кој се ќе понесе одговорност во Здравствените домови и пунктовите за вакцинација каде што вакцинирале деца без да се види рокот на траење на декларациите на вакцините. Единствено се разгледува можнота „Македонија лек“ да нема право да учествува на следниот тендер за набавка на лекови.

Во меѓувреме, состојбата со епидемијата на морбили продолжува, иако со намален интензитет. Според информациите на Институтот за јавно здравје до сега се пријавени 75 сомнителни случаи со мали сипаници. По направените епидемиолошки истражувања и лабораториски резултати, 65 се класифицирани како мали сипаници.
 

Содржината е прочитана 220 пати.