Бизнис вести

Бизнисмените бараат фондови кои ќе даваат поевтини кредити за извозните компании

Најголем дел од фирмите кои извезуваат или 2.835 се микро и мали компАнии, а само 110 од извозниците се големи компании кои имаат над 250 вработени. Но, иако се мал број, големите извозни компании создаваат и најголем дел, односно 80 отсто од вкупниот извоз на државата

четврток, 24 јануари 2019

Сојузот на стопански комори на Македонија предлага да се формираат фондови за одобрување строго наменски кредити со пониски каматни стапки за извозно ориентираните компании.

Потпретседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Габриела Кулебанова на денешната прес-конференција рече дека според податоците од Државниот завод за статистика во Македонија само 3.500 компании извезуваат. Тоа е пет отсто од вкупниот број активни трговски друштва во државата или 71.419 официјално регистрирани во 2017 година. Најголем дел од фирмите кои извезуваат или 2.835 се микро и мали претпријатија, а само 110 од извозниците се големи компании кои имаат над 250 вработени. Но, иако се мал број, големите извозни компании создаваат и најголем дел, односно 80 отсто од вкупниот извоз на државата.

„Ова јасно покажува дека најголем дел од македонските компании, пред сѐ малите и средните претпријатија немаат можности за инвестирање во иновации и технологии и се кадровски, финансиски и технички ограничени за да остваруваат извоз. Во насока на стимулирање на иновативноста и технолошката конкурентност постојат повеќе мерки како даночни ослободувања за модернизација и нови технологии, користење одредени фондови за набавка на нова опрема, како и стимлуирање на партнерства со странските инвеститори кои во голема мера може да пренесат знаење и внес на нови технологии кај домашните компании“, изјави Кулебанова.

Таа додаде дека е потребно поагресивно да се стимулира воведување и примена на новите технологии и да се наградува ангажирањето на домашните иноватори.

Кулебанова посочи дека Македонија во изминатата деценија има забележителна промена во извозната структура и зголемување на извозот, но е далеку од едно потребно ниво за да може да се зборува за конкурентно стопанство и развиена економија.

Според неа, Македонија најголем дел од извозот го прави со производи со ниска додадена ведност, односно тоа се полупроизводи произведени во трудоинтензивните индустрии. Извозот од Македонија го преземаат странски компании кои, како што рече, отворија фабрики во слободните економски зони, а најмногу извезуваат во делот на автомобилската индустрија, односно катализатори и филтри за прочистување, спроводници за автомобили, автобуси, седишта за автомобили… Најголемиот извозник од Македонија прави 32 отсто од вкупниот извоз на државата.

Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека за периодот јануари – ноември 2018 вкупниот извоз е над пет милијарди евра и бележи пораст од 16,7 отсто во однос на истиот период од претходната година.

Најголем трговски партнер е Германија со кој Македонија бележи суфицит во размената. Значајни трговски партнери на Македонија се и Бугарија, Србија, Грција, Италија, Романија, Шпанија, Турција и Велика Британија.

Пренесено од МИА 

Содржината е прочитана 205 пати.