Бизнис вести

Вкупно 1,27 милијарди евра ќе бидат инвестирани во патната инфраструктура годинава

Парите ќе бидат потрошени за изградба и реконструкција на 770 километри патишта, при што ќе се реконструираат 43, а ќе продолжи изгрдбата на 27 патни правци

вторник, 22 јануари 2019

Вкупно 1,27 милијарди евра ќе бидат инвестирани во патната инфраструктура годинава со што ќе се покрене комплетната градежна механизација во земјава. Парите ќе бидат потрошени за изградба и реконструкција на 770 километри патишта, при што ќе се реконструираат 43, а ќе продолжи изградбата на 27 патни правци.

Ова денеска го најавија премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов.

Притоа беше посочено дека за сите планирани проекти, кои се рамномерно распределени на целата територија на земјата веќе е подготвена целосната документацијата. Ќе почне да се гради веднаш штом дозволат временските услови, бидејќи тендерските постапки за сите патни правци се завршени. Треба да се почне да се работи на патишта во должина од 421 километар со инвестиција од 236 милиони евра. Тие активности треба да обезбедат заздравување и раст на градежништвото, а во нив директно или индиректно ќе бидат вклучени околу 10.000 лица.

„Ова нема врска со претседателските избори, локалните избори во три општини или можните парламентарни избори годинава. Тоа се пари кои се веќе планирани за оваа намена во буџетот и треба да се реализираат. Изградбата на инфраструктурата е важна за обезбедување економски раст и развој на државата и затоа ја најавуваме како врвен приоритет оваа година. Во 2019 во сите региони ќе се гради со полн капацитет“, рече премиерот Заев, посочувајќи ги како стратешки проектите за продолжување на изградбата на автопатот Кичево Охрид, пуштањето во употреба на автопатот Миладиновци Штип и стартот на изградбата на автопатот Скопје – Блаце.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески појасни дека 300 милиони евра се обезбедени од државниот буџет, додека другите пари се кредити и сопствени пари на Јавното претпријатие.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев истакна дека градежниот сектор се враќа на претходното ниво, но овој пат, како што рече, со вистински инвестиции на државниот и приватниот сектор.

„На Македонија и е потребно да има меѓу 55 и 60 милиони евра вкупни градежни активности и од приватниот и од државниот сектор за да го вратиме градежништвото. Овој план кој го кажуваме денеска јасно кажува дека тие бројки ќе бидат достигнати во градежништвото и тоа само во делот на патната инфраструктура, а дополнително ќе бидат железничката инфраструктура, новите инвестици, изградбата на фабрики и сите останати приватни инвестиции што се во најава. Нема да има слободна градежна машина. Тоа ми дава за право да верувам дека оваа година градежништвото ќе покаже добри резултати, а со самото тоа и економијата во Македонија“, рече Анѓушев.


 

Содржината е прочитана 225 пати.